Македонија

Цени на земјоделските производи на Кванташкиот пазар во Скопје

Пазарот на големо и мало што се наоѓа во скопската населба Гази-баба е најголемиот пазар во земјата што нуди не само овошје и зеленчук, туку и многу различни видови прехрамбени производи. Цените на некои земјоделски производи се повисоки за дваесетина отсто во однос на минатиот месец

Најголемиот пазар во земјава работи непречено и освен оранжериските производи понудата и побарувачката е голема за сите видови овошје и зеленчук. Цената на некои земјоделски производи е покачена и за дваесетина отсто. Откако природата почна да мириса на јоргован, на тезгите се појавија и младиот компир и јагодите. Зелената понуда станува се поразноврсна и поколоритна со покачувањето на температурата, а токму Кванташкиот пазар во Скопје е место каде каде што може да се купат свежи и преработени прехрамбени производи, како и свежо домашно и увезено овошје и зеленчук по најниска цена.
Еве како викендов се движеа цените на некои од најбараните земјоделски производи. Обичната зелка која сега веќе се бара за свежа салата, се продава за 10 денари за килограм, додека црвената е дупло поскапа и се продава од 20 до 25 денари, исто како и кинеската пакувана зелка. Увезениот морков може да се купи за 35 денари од килограм, но на тезгите може да се најде и млад квалитетен домашен морков чија цена е од 15 до 30 денари за килограм. Младото кромидче се продава за 400 денари -30 снопчиња или 8 денари едно снопче. Стариот кромид е од 30 до 35 денари за килограм. Младото лукче се продава по цена од 24 денари снопч,е а стариот 300-350 денари за килограм.

Целерот се купува за 70 до 90 денари, а прокељот може да се најде по цена од 70 денари. Пашканатот може да се купи за 70 денари килограм, а магдоносот за 10 денари китка. Францускиот магданос е поскап за 5 денари во однос на домашниот. Ротквичките се 10 денари сноче, а брокулата е со покачена цена од 130 денари. Карфиолот се продава од 70 до 90 денари кило, а снопче рукола за 10 денари. Цената на модриот патлиџан е намалена на 100 денари во однос на претходниот период, а тиквичките се нудат за 10-12 денари парче. Времето на пиперките допрва треба да дојде, но засега зелениот благ пипер се нуди за 110 денари, црвениот благ за 40 денари поскапо, додека лутите пиперчиња се 3-4 денари за парче.
Понудата на спанаќ расте, па затоа тој веќе може да се најде и за 30 денари денари кило, додека пак цената на марулата варира од 10-12 денари за парче. Цвеклото е од 8 до 10 денари, исто како и компирот -10 до 15 за килограм. Младиот компир е од 30 до 35 денари. Црвените домати се од 50 до 80, а краставиците од 40 до 50 денари за килограм. Гравот од домашно производство е поскап од увезениот и се продава од 100 до 150 денари, а цената на увезениот е 85 денари.Цената на гравот е без поголеми варијации во текот на изминативе неколку месеци.

Цената на овошјето е главно непроменета, па така еден килограм јаболка во зависност од квалитетот и сортата се продаваат од 20 до 70 денари. Крушите се околу 70 до 90, а цената на портокалите е покачена и се движи од 35 до 55 денари. Кивите се 57 денари кило, а лимунот е со покачена цена од 90 до 100 денари. Јагодите се се побарано овошје, а на овој пазар може да ги набавите по сума од 115 денари за увезените и 140 денари за домашо произвеените јагоди. На Кванташкиот пазар може да се купи и авокадо по цена од 165 денари кило, а пакет банани чини 1000 денари.
Пријатен ручек и никако не заборавајте ги најздравите намирници-салата пред оброк и овошје како десерт по него!

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC