Македонија

Храна се фрла, 460.000 жители во земјава гладни!

Република Северна Македонија е ставена на листата на рекордери во загуби на храна и отпад, а истовремено проблем е да се обезбеди доволно храна за најранливите социјални категории, се вели во извештајот на Канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Регионалниот проект на ФАО за техничка соработка насловен како „Стратегии за намалување на загуби и отпад од храна“ а спроведуван во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и граѓанската организација Ајде Македонија, на вчерашната консултативна работилница формлираше стратегија за намалување на загубите и отпадот од храната во земјава.
„Република Северна Македонија и покрај својата социјална и економска ситуација, не се разликува во голема мера од развиените земји односно, и кај нас постои нагорен тренд во загуби на храна. Околу 30% од храната произведена или увезена во Северна Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот, или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите” потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата.

Тој додаде дека ова е загрижувачки податок, кој јасно укажува на важноста на проблемот и потребата од усогласени политики, преземање акција на сите нивоа во целото општество. Министерот Димковски изрази уверување дека овој проект се спороведува во вистинско време и е во согласност со еден од стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија за решавање на ова горливо прашање, кое претставува еден од најголемите економски и социјални проблеми во нашата држава. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна.
Во текот на 2019 година, ФАО во соработка со ресорното министерство и организацијата Ајде Македонија, внесе голем број на институции како и претставници на приватниот сектор со цел да се даде јасна слика за состојбите со губитоците и отпадот од храна во Македонија, причините поради кои се јавуваат, и да идентификува мерки и политики кои ќе помогнат да се намалат овие губитоци со паралено развивање на системот на донирање на вишок храна.

Глобалната цел на Обединетите Нации за намалување 50% на отпадот од храна до 2030, придонесе голем број земји да преземат активности за намалување на отпадот од храна и искористување на храната за донација на најзагрозените категории население, што би придонело во голема мера во борбата против сиромаштијата и гладот. Овој регионален проект е дел од сеопфатната програма за намалување на загубите и отпадот од храна во регионот, со која управува Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија (FAO-REU), под капата на Глобалната иницијатива за загуба на храна и намалување на отпадот од храна – ЗАЧУВАЈ ХРАНА (SAVE FOOD).

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC