Свет

ФАО: Влијанието на пандемијата COVID-19 врз храната и земјоделството

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации-ФАО, на својата интернет страница се обидува да одговори на најчесто поставуваните прашања во врска со пандемијата и нејзиното влијание на безбедноста на раната и руралната егзистенција.

Одговорите изработени од ФАО врз основа на темелни анализи и достапни информации, даваат јасен приказ на состојбите во овој сектор. Зајакнувањето на системите за производство и дистрибуција на храна е клучно за борба против гладот и вклучува поддршка во справување со болести каде и да се појават – кај луѓето, животните, растенијата или животната околина. Коронавирусот (КОВИД-19) е глобална здравствена криза, а ФАО игра улога во следење, проценка и одговор на нејзините потенцијални влијанија врз животот и егзистенцијата на луѓето, глобалната трговија со храна, пазарите, ланците за снабдување со храна и домашните животни.
Чија сигурност на храната и егзистенција се најмногу изложени на ризик поради пандемијата?


Во моментов, околу 820 милиони луѓе низ целиот свет доживуваат хроничен глад - не јадат доволно калорична храна за да водат нормален живот. Од овие, 113 милиони се справуваат со акутна тешка несигурност на храната - глад толку сериозен што претставува непосредна закана за нивните животи или егзистенција и ги прави зависни од надворешна помош за да преживеат. Овие луѓе не можат да си дозволат какви било потенцијални понатамошни нарушувања на нивната егзистенција или пристап до храна што може да ја предизвика COVID-19.
Ако случаите со COVID-19, веќе присутни во повеќето региони во светот, се прошират во 44 држави на кои им е потребна надворешна помош во храна, или во 53 земји во кои живеат 113 милиони луѓе кои страдаат од сериозна несигурност на храната, каде јавните здравствени и социјални системи на повеќето од нив може да се соочат со лимитирани капацитети, последиците би можеле да бидат драстични.
Всушност, ФАО е особено загрижена за влијанијата на пандемијата врз ранливите заедници кои веќе се борат со глад или се погодени од други кризи – пустинските штетни скакулци во Африка, несигурностa во Јемен или Сахел, на пример – како и земјите зависни од увоз на храна, како што се земјите во развој, малите острови и земјите кои зависат од примарниот извоз како нафтата.
Меѓу ранливите групи спаѓаат и малите земјоделци, сточарите и рибарите кои можат да бидат спречени да работат на нивното земјиште, да ја одгледуваат стоката или да риболоват. Тие исто така ќе се соочат со предизвици да пристапат до пазарите за да ги продаваат своите производи или да купат семиња и други основни инпути или се погодени од повисоки цени на храната или ограничена куповна моќ. Неформалните работници ќе бидат погодени од губење на работа и приходи од берба и преработка на храна. На милиони деца веќе им недостасуваат училишните оброци од коишто зависат, многумина од нив без формален пристап до социјална заштита, вклучително и здравствено осигурување.
На пример, во Латинска Америка и на Карибите, програмите за училишни оброци поддржани од ФАО вклучуваат 85 милиони деца. Околу 10 милиони деца зависат од нив, бидејќи оброците претставуваат еден од нивните најсигурни извори на храна секој ден. Суспендирањето на училишните програми за јадење заради пандемијата ја става во опасност сигурноста на храната и исхраната на ранливите деца, што го ослабнува нивниот капацитет да се справат со болести.
Покрај земјоделството, се очекуваат и други ефекти, специфични за одредени сектори - на пример, рибата обезбедува повеќе од 20 проценти од просечниот внес на протеини од животинско потекло по жител за 3 милијарди луѓе, повеќе од 50 проценти во некои помалку развиени земји и таа е еден од најтргуваните прехранбени производи на глобално ниво. Оттука, влијанието врз егзистенцијата на рибарските заедници, безбедноста на храната, исхраната и трговијата, особено во оние земји кои многу зависат од риболовниот сектор, се очекува да биде значајно.
Исто така, од справувањето со здравствените кризи во минатото знаеме дека тие можат да имаат драстично влијание врз сигурноста на храната, особено на ранливите заедници.
Карантините и паниката за време на појавата на вирусот ебола во Сиера Леоне (2014-2016), на пример, доведоа до драстичен пораст на глад и неухранетост. Ситуацијата се влоши бидејќи ограничувањата на движење доведоа до недостиг на работна сила за време на бербата, и затоа што другите земјоделци не беа во можност да го донесат своето производство на пазарите. Системскиот ефект беше сличен на оној на земјотрес, што потенцира како стратегиите за превенција и намалување на ризикот се клучни.

Кои се последиците од ситуацијата COVID-19 - сега и во иднина - за производството на храна, земјоделските синџири на снабдување и пазарите?

Синџирот за снабдување со храна е комплексна мрежа што вклучува производители, потрошувачи, земјоделски инпути и риба, преработка и складирање, транспорт, маркетинг итн.
Како што вирусот се шири и случаите се зголемуваат, а мерките се затегнуваат за да се спречи ширењето на вирусот, постојат безброј начини на кои системот за храна на сите нивоа ќе биде тестиран и затегнат во наредните недели и месеци.
Во моментов, прекините се минимални бидејќи снабдувањето со храна е соодветно, а пазарите се досега стабилни. Глобалните залихи на житни култури се на удобно ниво и перспективата за пченицата и другите главни култури за 2020 година е позитивна.
Иако веќе е веројатно дека ќе биде намалено производството на храна со висока вредност (т.е. овошје и зеленчук), тие сè уште не се забележливи од мерките на изолација и прекините во синџирот на снабдување.
Во секторот риболов и аквакултура, импликациите можат да варираат и да бидат доста сложени. За дивиот риболов, неможноста риболовните бродови да работат (заради рестрикции на движењето или колапс на пазарите, како и строгите санитарни мерки на кои е тешко да се придржуваат) може да генерира домино ефект во вредносните синџири во однос на снабдувањето со производи и достапноста на специфични видови. Покрај тоа, за дивиот риболов и аквакултурата, проблемите во логистиката поврзани со ограничувањата во транспортот, затворањето на границите и намалената побарувачка во рестораните и хотелите можат да создадат значителни промени во пазарите – кои ќе влијаат на цените.
Сепак, веќе гледаме предизвици во однос на логистиката што вклучува движење на храна (неможност за пренесување храна од точка А до точка Б), како и влијанието на пандемијата врз сточарскиот сектор како резултат на намалениот пристап до добиточна храна и намалениот капацитет на кланици (заради логистички ограничувања и недостиг на работна сила) слично на она што се случи во Кина.
Како резултат на горенаведеното, од април и мај очекуваме да има нарушувања во синџирите за снабдување со храна.
Блокадите на патиштата за транспорт се особена пречка во синџирите за снабдување со свежа храна и може да резултираат со зголемено ниво на губитоци и отпад на храна. Свежата риба и водните плодови, кои лесно се расипуваат и затоа треба брзо да се продаваат, преработат или чуваат во релативно ограничено време, се особено во ризик.
Транспорните ограничувања и мерките за карантин веројатно ќе го попречат пристапот на земјоделците до пазарите, намалувајќи ја нивната продуктивност и спречувајќи ги да ги продаваат нивните производи.
Недостатокот на работници може да го наруши производството и преработката на храна, особено во индустриите кои зависат од интензивна работна сила (на пр. култури со висока вредност, месо и риба)
Додека кај некои клучни намирници, како што е оризот, се забележа благ пораст на меѓунардните цени, цените на храната генерално се во опаѓање бидејќи клучните фактори на побарувачка се намалени како резултат на падот во приходите и предвидувањата за глобална рецесија. Затворањето на рестораните и продавниците за улична храна го отстранува клучниот пазар за многу производители и преработувачи што може да создаде привремена презаситеност или да предизвикаат намалување на производството, како што може да се забележи во секторите риба и месо. Во некои земји во развој, урбаната понуда и побарувачката за свежи производи се намалени како резултат на ограничувањата и аверзивното однесување и на трговците и на потрошувачите.
Земјите во развој се особено изложени на ризик, бидејќи КОВИД-19 може да доведе до намалување на работната сила и да влијае на приходите и егзистенцијата, како и на формите на производство со интензивна работна сила (земјоделство, рибарство/ аквакултура). Особено загрижувачка е суб-сахарската Африка, каде што се повеќето земји кои веќе се во криза со храна.
Потребата да се надградат меѓународните стандарди за хигиена, условите за работа и условите за функционирање на земјоделските активности и рибарството, треба да се разгледаат во очи на пандемијата.

Кои се препораките на ФАО за да се намалат ризиците од пандемија за сигурноста на храната и исхраната?

Проактивните мерки се од огромна важност и ќе чинат помалку во време кога економските ресурси ќе бидат многу потребни. Ова е особено случај со оглед на зголемените очекувања за глобална рецесија. Економските забавувања или контракции беа поврзани со зголемувањето на нивото на глад во 65 од 77 земји во последните години, како што предупредуваат ФАО и партнерите во извештајот “Состојба на сигурноста на храната и исхраната во светот”.
Да се ублажат влијанијата на пандемијата врз храната и земјоделството, ФАО ги повикува земјите:
• да ја одржуваат меѓународната трговија отворена и да преземат мерки што го штитат нивниот синџир на снабдување со храна (од снабдување со суровини, како семиња, до обезбедување дека малите земјоделци имаат пристап до пазарите да ги продаваат своите производи);
• да се фокусираат на потребите на најранливите и да ги зајакнат програмите за социјална заштита, вклучително готовински парични трансфери;
• да ги одржуваат домашните синџири на снабдување со храна активни;
• да се преземаат сите неопходни мерки семето и садниот материјал да продолжат да стигнуваат до малите земјоделци; добиточната храна до сточарите; и потребните инпути од аквакултурата кај рибарите. Земјоделските ланци на снабдување треба да се одржуваат живи на какви било начини компатибилни со мерките за здравствената безбедност.
• да се одржуваат земјоделски активности.
Исто така, клучна е меѓународната соработка. Има доволно храна во светот, а локалната криза може да се избегне со соработка и отворена трговија.
Кризата во 2008 година нè научи дека забраните за извоз се штетни за сите. Тие на негативен начин ги менуваат и пристигнувањето на храната таму каде што е потребна и приходот на оние што ја произведуваат.
Повеќе детали за препораките:
1. Земјите треба да ги задоволат итните потреби за храна на нивните ранливи популации
На пример: да осигураат дека се задоволени итните потреби за храна; да ги прилагодат и прошират програмите за социјална заштита; да обезбедат поддршка во управување и спречување на потхранетоста; да ги прилагодат програмите за училишни оброци за да истите продолжат дури и кога училиштата се затворени.
На пример, со застојот на програмите за училишни оброци поддржани од ФАО во Латинска Америка и Карибите, ФАО ги повика владите на регионот да спроведат мерки за поддршка на децата чии семејства имаат поголеми потешкотии во пристапот до храна. Предложените мерки вклучуваат: дистрибуција на храна до најранливите семејства, зголемување на програмите за социјална заштита; ослободување од данок на основна храна за семејства со деца на училишна возраст, особено за работници од најпогодените економски сектори; испорака на свежа храна од локалните земјоделци и одгледувачи на риба; употреба на дигитална алатка (геореферентни апликации) за подобрување на комуникацијата со точките за испорака на храна, времето на дистрибуција и мерките за намалување на ризикот од COVID-19.
2. Земјите треба да ги зајакнат своите програми за социјална заштита
Ова може да значи: зголемување на сумата на трансфер кај луѓе кои веќе користат социјална помош преку еднократна исплата (како рано дејствување за да се ублажи влијанието) или да се обезбедат повеќекратни исплати за да им се помогне на семејствата да ги задоволат нивните основни потреби; обезбедување на дополнително право на надомест на загубата на приходи на малите производители, на пример; ако несигурноста на храна станува сериозна заради масовни отпуштања од работа, пад на дознаки од странство и слично, употреба на банки за храна како можна опција - преку не само директно обезбедување храна од страна на владата, туку и донации од поединци, мрежи на солидарност, невладини организации; овозможување на мобилни платни системи за да се спречат нарушувањата во испорака на парични права како резултат на ограничувања во движењето; вбризгување средства во земјоделскиот сектор и рибарството, на пример преку грантови, може да им помогне на микро, малите и средните бизниси за храна, привремените работници и вработените кои привремено не се на работа заради прекин во деловните активности.
Многу влади веќе воведоа или ги зајакнаа заштитните мерки за борба против влијанието на пандемијата врз животната средина на луѓето.
3. Земјите треба да бидат ефикасни и да се обидат да ги намалат трошоците поврзани со трговијата
Ова вклучува: да не се наметнуваат мерки што ќе ја ограничат трговијата и подвижноста на стоките; да се намалат отпадот и загубите на храна; да се решаваат логистичките тесни грла; веднаш да се ревидираат трговските можности и можните политики и нивните веројатни влијанија; да се избегнуваат генерализирани субвенции за потрошувачите на храна; да се намалат рестрикциите за залихи, да се намалат тарифите за увоз кога владите сметаат дека е соодветно да се минимизираат, на пример, кога има зголемување на трошоците заради девалвација на нивните валути и други ограничувања; привремено намалување на ДДВ и други даноци; доколку е потребно, да се разгледа даночната политика на увезената стока за да се компензираат потенцијалните зголемувања на трошоците (заради девалвација на размената) и да се проценат потенцијалните влијанија од девалвацијата на размената.
Севкупно, избегнувањето на какви било трговски ограничувања би било корисно за да се заштитат резервите на храна и добиточна храна, како и на земјоделските суровини и риба, од влошување на локалните услови заради веќе затегнатите мерки за одговор на COVID-19.
Исто така е важно зајакнувањето на сигурноста на храната да биде на агендата на побогатите земји каде случаите на COVID-19 во моментов се најинтензивно пријавени. Во некои случаи, мерките за изолација можат сериозно да влијаат на приходите на најранливите.
Креаторите на политики мора да ги следат трендовите и да се грижат да избегнат ненадејно затегнување на условите за снабдување со храна, нешто што досега Кина успеа да направи преку креативни и адаптивни методи. Дигиталните технологии треба да играат улога во предвидување на проблеми и за отстранување на привремени недостатоци, како и градење на отпорност на ланците за храна за да се избегнат слични појави во иднина. Новите технологии би можеле да ја олеснат комуникацијата помеѓу понудата и побарувачката, што ќе биде од голема вредност за свежите производи (како овошје, зеленчук, риба и водни продукти).
Градење отпорност е должност за сите ако сакаме да ги искористиме придобивките од глобалната меѓузависност.

Целиот текст може да се прочита на следниот линк: http://www.fao.org/2019-ncov/q-and-a/impact-on-food-and-agriculture/mk/

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC