Свет

Турција заработува милијарди од извоз на лешници

Турција е апсолутен рекордер во извоз на лешници и ниедна друга земја на светот не може да и парира

Речиси три четвртини од лешниците кои се пласираат на светските пазари, се произведени во Турција. Оваа земја од извоз на лешници ланската година заработила 2,3 милијарди долари. Од почетокот на сезоната, значи првите два месеци од есента, Турција заработила рекордни 641 милион долари. Податоците за до крајот на минатата 2019 година, покажуваат дека од таа земја се извезени 319. 772 тони лешници што е најголема бројка во историјата на Турција. Турскиот лешник најмногу се извезува во Русија, Кина, Германија, а еден од поголемите увозници е и Италија.
Интересна е информацијата дека 75 отсто од лешниците кои се користат за производство на најпознатиот крем од лешници на светот - Нутела, доаѓаат од Турција. Токму поради тоа, но и заради фактот дека Италија е втор најголем производител на лешници во светот, поранешниот потпретседател на Италијанската влада Матео Салвини, јавно ја критикуваше компанијата „Фереро“ и повика на бојкот на сите производи кои се прават од лешници од Турција.

Кога е во прашање нашата земја овој бизнис последнава декада бележи пораст, затоа што има организиран откуп, а производството го субвенционира и државата. Одгледувачите од овој агросектор оваа година се задоволни од приносот, но не и од откупната цена која се движи од 140 до 150 денари за квалитетен кршен лешник. Ова е како што истакнуваат одгледувачите, за 30 отсто пониска откупна цена од ланската. Цената на лешниците во малопродажба според официјалните статистики се движи од 600, до 800 денари по килограм, во завсност од регионот.

Инаку, уште одамна лешникот се користел за лекување на многу болести. Се верувало дека лешникот е плод на мудроста и на знаењето. Во народните традиции, лешниците се користени и како симболи на плодноста во обредите на свадбите.
Од нутриционисточка гледна точка, ќе споменеме дека плодовите на лешникот содржат 55-73% заситени масни киселини. Лешникот содржи просечно 5 пати повеќе калиум од останатото овошје, три пати повеќе железо, а богат е и со магнезиум, калциум и флуор. Од витамините содржи фолна киселина десетина пати повеќе отколку останатото овошје, витамин Е и пантотенска киселина. Во народната медицина од кората на лешникот се прави чај од кој се прават облоги за отворените рани, настанати од проширените вени на нозете. Чајот е добар и како лековито средство против дијареа, а се користи и за лекување на хемороиди. Лешниците во последно време се повеќе се истакнуваат како одлична овошка која ги превенира срцевите заболувања.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC