Македонија

Стаса ли зелката?

Ова прашање во овој период од годината не само што е најчесто поставувано, туку е и едно од најважните зошто има директно влијание на менито на домаќинствата во наредните 5 месеци

Најстариот податок за подготвување на кисела зелка датира од пред 4000 години п.н.е., а е пронајден во Кина. Оваа намирница за нив била важна затоа што со нејзино консумирање се постигнува телесна рамнотежа ( јин - јанг), а векови подоцна производот го откриле и старите Грци од каде е проширен и на целиот Европски континент.
Зелката како земјоделска култура се одгледува по рамниците, речните долини, но и на брдско-планинските подрачја. Во зависност од климата се сади како главна и како споредна култура. Не поднесува силна светлина, се сади од расад, а оптималната температура за нејзино одгледување е од 15 до 18 Целзиусови степени. Добро поднесува минусни температури. Пролетната зелка кај нас најчесто се претвора во салата, а нејзиното височество –зимската, завршува во буриња со сол и вода и станува кисела! Кога ќе статса, од неа се приготвуваат мноштво домашни специјалитети, а без сарма, подварок, или домашна пита, не може да се замисли ниту една прописно подготвена зимска трпеза.

Иако, во последно време киселата зелка се продава како вакумиран производ низ поголемите маркети во земјава, искусните домаќинки знаат да речат дека нема ништо поубаво од содржината во бурето оставено по подрумите, шпајзите и балконите. Само ако има кој да ја преточува...до финалниот посакуван резултат!
Зелката има исклучителен хемиски состав. Покрај големото количество витамин А и Ц, богата е со калциум, железо, целулоза и белковини. Ова значи дека има антиоксидантно и антисептичко дејство, го зајакнува имунитетот, помага при болестите на срцето и крвните садови, го регулира варењето на храната , а одлична е и против реумата и стресот. Се користи и како мелем за изгореници. Во последниве неколку години станува популарна и како диететски производ. Ако им се верува на сведочењата, со диетата од зелка неделно може да се загубат и до 4 килограми.

Со киселењето зелката добива уште поблаготворни својства. Добрите домаќини знаат во кацата со зелка да стават и по некоја главица цвекло, не само поради специфичната виолетова боја на расолницата, туку и поради специфичниот вкус што реже.Со ферментацијата се добива витаминот Б 12 кој помага во создавањето на црвените крвни зрнца и го одржува нивото на хемоглобин во организмот. Исто така киселата зелка е одличен извор на сулфурни соединенија и лактобацили кои делуваат како пробиотик, а не смее да се исклучи и позитивното делување на овој производ на централниот нервен систем и функциите на мозокот!
Расолницата е посебна приказна. Без расолница утрата се тешки, по бурните ноќи и богатите зимски трпези. Јувата е исконски лек и незаменлив еликсир против мамурлукот. Најефикасна терапевтска моќ ја има доколку се пие на гладно, наутро, но во умерени количини!

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC