Органско

Рогач, евтина и вкусна замена за ореви!

Поборниците на здравата исхрана имаат нов миленик-рогачот. Поради важните нутритивни состојќи , ниската цена, но и специфичниот вкус, мешунките од ова дрво стануваат вредна состојка на се повеќе рецепти.

Рогачот е зимзелено растение од фамилијата бобови, која потекнува од медитеранското поднебје. Токму на Медитеранот рогачот се одгледува преку 4000 години. Одгледувањето на оваа билка се споменува и во Библијата, а ова растение им било добро познато и на старите Грци. Стеблата на рогач денес се одгледуваат низ целиот свет. Од Калифорнија, Јужна Америка, Европа, па се до Австралија. Поради својата атрактивност често е и извонреден украс во дворовите преку целата година.
Стеблото може да порасне и преку десет метри висина и е исклучително разгрането и со широка крошна. Сите оние кои макар еднаш се прошетале низ стариот дел од Градскиот парк во Скопје, не може а да не ги забалежале овие прекрасни стебла, особено кога се украсени со мешунки. Плодоте е долг дваесетина сантиметри, најпрво со зелена, а како созрева кон крајот на летото,мешунката добива темно кафена,поточно чоколадна боја.
Рогачот со векови се употребувал за човечка исхрана, но не ретко и за исхрана на стоката. Ова особено поради фактот дека исушените мешунки, може да се чуваат и по неколку години, без притоа да ги изгубат своите нутритивни својства.

Хранлива вредност

Доколку се случи кафето од сортата арабика која е омилен и најпопуларен напиток во светот да исчезне, рогачот би можел да биде достојна замена. Многу нутриционисти сметаат дека семките од мешунката се многу здрава и вкусна замена за кафето. Покрај кафето, печените семки се повеќе се користат и како замена за какаото во производството на чоколада. Сепак, во исхраната на луѓето најчесто се користат мешунките, кои имаат сладок вкус. Тие се мелат и се претвораат во брашно, кое најчесто пакувано може да се најде во специјализираните продавници за здрава храна и кај нас.
Мешунките не само што се богати со сахароза и протеини, туку содржат и витамин А и Б, голем број на минерали, а имаат многу малку калории, што ја прави оваа билка исклучително атрактивна. Рогачот во мали количини содржи маснотии, танини, минерални соли и влакна. Поради своите хранливи, но и лековити својства, често се користи и во вид на чај, или како додаток на разни билни мешавини. Се користи за лечење на проблемите со варењето и дигестивниот тракт, покачениот холестерол, но и со прекумерната телесна тежина. Мешунките може да се јадат и свежи, се разбира кога се зрели, но најчесто се мелат или пржат. На нашето поднебје се вели дека рогачот е идеална замена за оревите, а чини четири до пет пати помалку. Од брашното кај нас најчесто се подготвува колач, сличен на раванија.

Одгледување на рогач

Рогачот најдобро расте на медитеранските подрачја, на истата почва која им е погодна и на цитрусните дрвја. Најчест начин на одгледување е директното садење од семка. Свежото семе од рогач бргу изртува, додека исушените најпрво мораат да се ожилат и натопат во вода, се додека не се зголемат два до три пати. Стеблата растат полека, а поинтензивно почнуваат да се развиваат по шестата година. Растението може да достигне старот и од еден век. Стеблата од рогач се силни, многу отпорни на болести и штетници. Најголема опасност за нив е премногу влажна почва и голема влажност на воздухот, што доведува до закржлавеност на растението и неможност од апсорпција на храна.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC