Македонија

Работа на пчеларникот во месец декември

Неколку невидливи причини за зимската смрт на пчелните друштвата

Декември е последен месец во календарската година, а во пчеларската година е петти месец, што кажува дека сме изминале близу половина пчеларска година. Овој месец е типично зимски месец – температурите најчесто се негативни. Пчелите во овој месец не трошат многу мед (околу еден килограм за целиот месец).
Понекогаш во декември можат да се појават поврзани десетина топли денови кои ќе ја испровоцираат матицата и пчелите, па ќе се појави легло. Тоа покажува дека инстинктот за размножување проработил многу рано.

По таквите топли денови кај нас најчесто следуваат драстично студени денови кои ќе продолжат и во јануари.Зимското клубе во тие драстично студени денови се собира уште повеќе, а со тоа може да се оголи дел од леглото, па угинува и повеќе не е жива материја. Такво изумрено легло е идеална средина за развивање на гнилежи и бактерии од разни заболувања. Пчелите често пати се обидуваат некако да го изедат тоа веќе изумрено легло, а тоа содржи многу токсични материи кои на тој начин преминуваат во организмот на пчелите.

Во последно време во многу пчеларски списанија се среќава податокот дека некои пчелни друштва, односно нивните матици, не престануваат со несење во зимскиот период. Оваа невообичаена појава за нашата раса на пчели (мариовската) се смета дека доаѓа од мелезење со други раси на пчели. Многу од вака измелезените пчелни друштва се послаби или средни и изумираат уште во декември или јануари. Ова покажува дека вкрстувањето при оплодување на нашите матици доведува до губење на зимската отпорност, а тоа е многу изразено при постудени зими.

Невидливи причини за зимската смрт на друштвата:
1. Оштетена матица при производството и нивно неадекватно однесување (се движат неконтролирано и не го следат движењето на зимското клубе)

2. Матици кои биле затворени во кафези подолго време (стануваат тешки инвалиди). Матиците, ако се подолго време затворени, дури и во најдобрите кафези добиваат големи промени во организмот – матицата „остарува”за само шест дена. Поради тоа во сертификатот што се дава како придружник на купената матица, секогаш треба да биде запишан датумот на кафезирање на матицата. Видливи причини за зимската смрт на пчелните семејства се:

1.Гладна смрт, т.е. недоволно оставена храна за презимување. Пчелните семејства треба да бидат обезбедени со 7-8 кг храна дури и во месец март, а за целата зима најмалку 16-25 кг.

2.Неквалитетна зимска храна – медлика, шекерен мед, расипана перга. Често пати и најмало количество медлика предизвикува јаки труења.

3. Лошо распоредена храна – губење на контакт со храната, медната капа се проширила над клубето

4. Слабо зазимено пчелно семејство, зазимено со помалку од 1 кг пчели – тешко оформува ефективно зимско клубе;

5. Амортизирани зимски пчели, т.е. оние кои долго и доцна се прихранувани и преработувале шеќерен сируп, а со тоа ја изгубиле својата виталност и предвреме остареле;

6. Немање на доволно цветен прав во август во кошницата – довело до недоволно развивање на мрсното ткиво во телото на пчелите, а со тоа „кратковечност”, односно пчелите рано ќе изумрат;

7. Лошо зазимување – голема влажност, стари рамки, лошо меѓурамково растојание сето тоа го отежнува животот на пчелите;

8. Напади од надворешни непријатели – глувци птици, како надразнувачи и стрес кај пчелите есенската наезда од оси и стршлени кои го слабеат друштвото;

9. Силни ветрови – нанесуваат големи штети на пчелните семејства. Погубно е дејството на ладните надворешни ветрови, но и внатрешниот провев кои се создава од лошо зазимување;

10. Зимска инвазија на вароата – тоа е честа причина семејствата да не ја доживеат пролетта. Третирањето на семејствата против вароа треба да се врши во првата декада на август, никако подоцна (тогаш се несат првите јајца за зимските пчели).

Во август треба да ја сведеме вароата под 2%, а со заштитата со оксална киселина во ноември да ја доведеме до минимум. Без третирање на вароата, ако едно семејство во август со 20.000 пчели имало 1.000 крлежи, тоа со сигурност во септември Ке има 2.000, во октомври 4.000, а во ноември може да достигне 8.000-10.000 крлежи. Така заразено семејство со вароа (а со неа и многу вирусни заболувања) сигурно нема да ја дочека пролетта;

11. Меѓусебни борби – грабежите во топлите денови од зимата доведуваат до големи загуби. Тие ги слабеат и преживеаните пчелни семејства, бидејќи при борбата и двете страни имаат загуба;

12. Преголема влажност- семејствата кои зимуваат во близина на големи водотеци, езера и вирови треба посебно да се заштитуваат од влагата и да им се обезбеди одлична вентилација – од влагата мувлосува саќето и пергата, а скиснува и целиот отворен мед во кошницата и брзо пропаѓа подницата. Потребно е посебна исцедност на теренот и поголемо навалување на кошниците кон предната страна, како и поставување на празни продолжетоци под плодишниот наставак од кошниците.
Извор: ФФРМ

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC