Македонија

Пристигнаа елени на Галичица

Деновиве пристигнаа и првите елени, кои се наоѓаат во репродуктивниот центар, изграден специјално за оваа намена

Националниот Парк „Галичица“ е во завршна фаза за враќање на елени на планината Галичица. Деновиве пристигнаа и првите елени, кои се наоѓаат во репродуктивниот центар, изграден специјално за оваа намена.

Според НП „Галичица“, новиот репродуктивен центар, со големина од осумдесетина хектари оваа зима ќе биде дом на 30 елени (24 женки и 6 мажјаци) и за таа намена е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници.

„Проектот, вреден 340.000 евра, е финансиран од Европската унија во рамки на ‘Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја’. Оваа Програма, која опфаќа повеќе проекти низ целата земја изнесува 4,3 милиони евра, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопштува НП „Галичица“.

Националниот парк „Галичица“, во рамки на проектот, велат од таму, со овие активности се грижи и за подобрување на управувањето со планинските тревести екосистеми со цел нивно зачувување и запирање на процесот на сукцесија.

„Репродуктивниот центар и елените ќе се користат исклучиво за активно управување на овие екосистеми, а не како ловиште“, велат од НП „Галичица“.

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC