Србија

Плодови има, нема кој да ги бере!

И покрај кризата предизвикана со коронавиросот, во јужниот дел од Србија каде се лоцирани најголемите површини со оранжериски малини, но и пределите каде во изобилство растат боровинки, капини и шипинки, има недостаток од работна сила. Сезонските работници за Електронски Зелен Пазар (ezp.com.mk), се надеваат дека летото и покрај глобалната криза ќе им донесе поголема заработка надвор од нивната држава

На средината на јуни секоја година традиционално почнува бербата на малини, кои барем во Јужниот дел на Србија ги има во изобилство. Одгледувачите на ова „црвено злато“ како што уште се нарекуваат овие вкусни овошки, имаат недогледни плантажи со по неколку илјади хектари во овој крај. Поради студеното време и неколкуте ноќни мразеви кои го зафатија Балканот оваа пролет, прогнозите се дека родот ќе биде послаб отколку минатите години кога од соседна Србија во странство се извезувани и по 100.000 тони малини. Се уште не е дефинирана ниту откупната цена на малините, иако одгледувачите тврдат дека досега производвото на еден килограм малини ги чини 140 динари. Сепак, главен проблем за одгледувачите на малини е недостигот од работна сила, берачи нема и покрај тоа што огласите се полни со понуди за сезонска работа, со платено сместување и храна.
Бербата на овие овошки е ценета и одлично платена за тамошни услови, со дневници од 3.000 до 4.000 динари. Но, наместо мотика на поле, младите кои досега се пријавувале како берачи, чекаат да се отворат границите и да најдат подобро платена сезонска работа, на море и сонце, која во секој случај за нив е поатрактивна.
„Работев неколку години на плантажи со малини, но сега тоа би го правел само ако морам“, вели за ЕЗП Вељко Маринковиќ од Власотинци. Тој објаснува дека работата е само за помлади, поиздржливи и посилни лица, бидејќи се работи од шест часот наутро до 18 часот попладне, и тоа секогаш на сонце.

„Тоа е исцрпувачка работа, не само затоа што на пример немате каде да ги измиете рацете, да одите во тоалет, да јадете, туку мора да го делите и креветот со друг работник. Овошките се берат многу внимателно затоа што ако погрешите може само да ги изедете или да ги фрлите. Нема да вредат ништо. Често работодавачите не плаќаат на црно, не сме пријавени, не сме осигурани....“, раскажува Маринковиќ.
Иако, пандемијата со Ковид 19 му ги расипала плановите, тој се надева дека наскоро се ќе се среди и ќе може да отиде да работи како скараџија во Црна Гора, за време на туристичката сезона. Заработката како што вели е многу поголема, а условите далеку подобри. Свесен е дека летото нема да биде како претходните, а бројот на туристи секако ќе биде десеткуван.
„Доколку не ми успее оваа опција слушнав дека многу европски земји бараат сезонски работници во земјоделието. Подобро ми е да се обидам таму, или можеби на Малта, каде имам и пријатели и роднини“, искрен е Маринковиќ.

На надморска висина од 800 до 1.600 метри се наоѓа реонот на Грделичката клисура што изобилува со вода, ниски листопадни и густи зимзелени шуми. Има предели кои се преполни со боровинки и капини, плодови кои привлекуваат голем број локалци во потрага по заработка во летните месеци. Еден од нив е и Сретен Вељковиќ од Грделица, кој ова подрачје, како што вели го познава како својот џеб.
„Боровинките кои растат во околината на власинскиот крај, може да се собираат исклучиво со раце. Доаѓаат луѓе од околните села и градови, што сакаат да заработат набрзина и употребуваат гребла и чешли кои не се дозволени при бербата. Така се уништува целото растение кое догодина нема да даде плод, што е катастрофа. Последниве години ваквите профитери ги санкционира и државата. Казните се до 50 илјади динари “, објаснува Вељковиќ, кој додава дека совесните берачи ги собираат овие плодови многу внимателно, најчесто за свои потреби. Дел од бобинките ги продаваат, а од останатото прават слатко, џемови и сокови.
„Мојата сопруга подготвува слатко и тоа на пазарот во Лесковац се продава и до 1000 динари за килограм. Се бараат и свежи боровинки кои може да достигнат цена и до 600 динари за килограм, ако се крупни и зрели.“ Вељковиќ е сигурен дека летово ќе има богат род на боровинки кои се берат дури до октомври. Тој за ЕЗП раскажува дека природата ги нуди своите плодови, но од човекот зависи дали ќе ги искористи и употреби на вистинскиот начин, без да ги злоупотреби. Вељковиќ покрај тоа што заработува од боровинки, за своја душа бере и шипинки кои ги има во изобилство, но и шумски печурки кои ги суши или конзервира.


Благородна Абрашева Ноциќ

© 2019 Cyber Green Market LLC