Македонија

Палењата на стрништата –најштетни за земјоделците!

Со палењето се уништува микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата, односно она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка.

Палењето на стрништата, плевелот и другите растителни отпадоци, кај нас е редовна пракса. Како завршува жетвата, така веднаш почнува најдеструктивната појава во земјоделието-огнот! Проценките на стручњаците се дека само во кочанскиот регион се согоруваат 6 до 8 тони слама на хектар, која останува по жетвата на оризот.
Оваа опасна пракса има негативни последици по многу основи. Со палењето се уништува микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата, односно она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Без микроорганизмите во обработливите површини, користењето на вештачките ѓубрива се само залудно потрошени пари. Истовремено, со палењето исчезнува и азотот-клучен елемент за плодноста на почвата.Експертските проценки велат дека со палењето на еден тон слама се губи 1 килограм азот, или од хектар околу 10 килограми чист азот. Пресметано во пари според просечните цени на вештачките ѓубрива и количеството азот во нив, тоа ги чини земјоделците плус 10 евра трошок за ѓубриво по хектар!

Намалувањето на плодноста на почвата не само што доведува до помали приноси, туку е и врзан систем што понатаму произведува кисели дождови, и нивно одлевање во подземните води.
Но, ова е само еден дел од негативните последици предизвикани со палењето на стрништата. Во услови на топли лета и високи температури, како што е случај и годинава, палењето е фактор што доведува и до појава на пожари кои често излегуваат од контрола. Огромната емисија на стакленички гасови и ПМ 10 честички во воздухот, најштетно се одразуваат токму на земјоделците, нивните семејства и во регионите каде што горат огновите. Неконтролираниот оган често знае да зафати и некои пропратни објекти, но и куќи. Токму тоа неодамна се случи во атарите на скопските села Бардовци и Визбегово каде беа пеплосани десетици хектари лозови и овошни насади, но зафатени и неколку куќи во изградба.

Решението на овој проблем се гледа во алтернативните решенија. Градот Скопје во соработка со јавните претпријатија и УНДП, за прв пат оваа година започна кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата, при што понуди бесплатно одлагање на плевелот и отпадот од бербата, што потоа се согорува во депонијата „Дрисла“. Алтернативно решение на проблемот се бара и во кочанскиот регион каде од неодамна со помош на Швајцарската влада е изградена пречистителна станица на која во иднина се очекува да се приклучи и Виница. Од овој пилот проект бенефит ќе имаат сите. Земјоделците ќе го одлагаат сеното кое ќе се преработува во ѓубриво кое повторно ќе им се враќа на земјоделците за облагородување на нивите.
Само за потсетување, палењето на стрништата е забрането и казниво по закон.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC