Македонија

Олеснување на трговијата со овошје и зеленчук во Западен Балкан

На минатонеделниот состанок одржан во Тиват, Црна Гора, Мешовитиот комитет на ЦЕФТА донесе одлука за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук во регионот на Западен Балкан, што дополнително ќе придонесе за раст и развој на економијата во овој дел од Европа.

Одлуката што ја донесоа шесте Стопански комори од државите на Западниот Балкан предвидува строги правила што се целосно усогласени со правилата на Европската унија, а истите се предвидливи за деловните субјекти и го олеснуваат протокот на стоки. Исто така, со овие правила ќе се создаде сигурност дека при увозот и извозот, квалитетот на овошјето и зеленчукот не е компромитиран на кој било начин. Со оваа одлука се обврзуваат агенциите во регионот кои се надлежни за движење на ваков вид на стоки, пренесе агенцијата „Танјуг“.
-Шесте комори од Западен Балкан, во рамки на Коморскиот инвестициски форум ги повикуваат владите од регионот заеднички да изготват процедури и постапки што ќе го олеснат движењето на стоките во регионот на Западен Балкан. Извозот на овошје и зеленчук од Западен Балкан е за околу 20 пати помал отколку од земјите на ЕУ, што говори за големата потреба трговските бариери во регионот да продолжат да се елиминираат, -додаде генералниот секретар на КИФ, Сафет Герџалиу.
Во име на Управниот одбор на КИФ, Герџалиу го поздрави усвојувањето на решението за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук од страна на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, при што додаде дека на регионот на Западен Балкан му е потребен побрз и полесен економски пристап без присутност на политички импликации коишто, за жал, се` уште се присутни.
Директорот на ЦЕФТА-Секретаријатот, Емир Џикиќ, очекува дека до взаемно признавање на сертификатите за трговија со овошје и зеленчук ќе дојде до почетокот на летото.

- Исто така, се надеваме дека до крајот на годината ќе изготвиме и повеќегодишен контролен план и ќе започнеме со имплементација, - рече Џикиќ. Токму од овие причини, многу е важна размената на ветеринарни и фитосанитарни сертификати, како и на јавните здравствени сертификати при процесот на увоз-извоз на стоки.
На состанокот, како што понатаму извести новинската агенција „Танјуг“, министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, меѓу другото, истакна дека основата на годинешното претседателство на Босна и Херцеговина со ЦЕФТА е спроведувањето на Договорот и неговите дополнителни протоколи, како и спроведувањето на активности од Повеќегодишниот акционен план за создавање регионална економска област (МАП, РЕА) поврзана со трговските прашања. Тој истакна дека приоритетите на Босна и Херцеговина се слободното движење на стоки, отстранувањето на бариерите за трговија со стоки, слободната трговија со услуги, слободниот проток на инвестиции, усвојувањето на дополнителен протокол за решавање спорови и институционален развој на ЦЕФТА.

Господин Хамдо Тињак од Министерството за надворешна трговија и економски односи, потсети дека Босна и Херцеговина претседава со ЦЕФТА оваа година и дека сме на добар пат со усвојувањето на одлуката за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук. Тој посочи дека ова е многу значајна одлука за регионот бидејќи голем дел од трговијата во регионот на ЦЕФТА отпаѓа токму на овошјето и зеленчукот. Земји како Северна Македонија, Србија, Албанија и други имаат многу да му понудат на регионот, особено кога станува збор за свежо и квалитетно овошје и зеленчук. Тињак објаснува дека секоја одлука на ЦЕФТА мора да се донесе преку заеднички комитет составен од министри или нивни заменици и државни секретари. Тој потенцираше дека станува збор за сертификати кои ја придружуваат стоката и се признаени меѓусебно од земјите на ЦЕФТА, така што понатаму нема да има потреба од нивна дополнителна царинска проверка.
-Доволно е да се имплементира еден таков сертификат, за потоа да нема повеќе дополнителни проверки од страна на државата во која се увезува и од нејзините институции, - истакна Тињак.
Средбата во Тиват се одржа како дел од Проектот за поддршка и олеснување на трговијата меѓу членките на ЦЕФТА, спроведен од страна на КИФ и ЦЕФТА, со поддршка од Европската комисија и германското Министерство за економска соработка.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC