VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

Македонија

Од идната година задолжителна вакцинација на добитокот против син јазик

Болеста ја има во девет одгледувалишта со говеда, со вкупно 770 грла, но засега е потврдена кај десет животни, а угинати се три.

Од 2021 година вакцинацијата против болеста син јазик кај овците, козите и говедата ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенциии. Бруцелозата е ставена под контрола, а чума кај малите преживари нема поради што земјава и официјално достави барање за добивање меѓународно признат статус „слободна“ од оваа болест.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, вели дека во тек е подготовка на новата Програма за здравствена заштита на животните, а и земјава е поделена на вкупно осум региони за полесно следење на болестите и нивно сузбивање.
„По 2015 година во нашата земја повторно се појави син јазик во јули годинава, во одгледувалишта во Македонски Брод и Кичево, каде веднаш беа преземени мерки за забрана на движење на животни и убивање на оние што имаа изразени клинички симптоми. Од јули до сега присуство на болеста е пријавено кај 452 фарми со вкупно 105.724 овци и кози. Врз основа на земените мостри, болеста е потврдена кај 3.381 грло, а угинати се 1.787“, вели Атанасов.

Болеста ја има и во девет одгледувалишта со говеда, со вкупно 770 грла, но засега е потврдена кај десет животни, а угинати се три.
Според Атанасов, се размислува за обесштетување на сточарите, но дали оваа мерка ќе биде прифатена треба да одлучи Министерството за земјоделство.
„Опција е да се разгледа дали ќе има обесштетување за угинатите јагниња и овци. Ако државата одлучи да донесе таква мерка, АХВ ги има потребните податоците согласно кои би се спровело обесштетувањето. Пред десет дена имавме состанок во МЗШВ, разговаравме за овој проблем. Но, пракса во светот е сточарите да бидат одговорни и на сопствен трошок да вршат вакцинација за да ги заштитат животните. Затоа, од идната година вакцинацијата против син јазик ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенции“.
Син јазик има и во регионот: во Косово, Албанија и Грција, но болеста е потврдена и во Романија. Се работи, истакнува Атанасов, за истиот серотип како во 2014 година. Борбата мора да биде заедничка, на ниво на регионот и пошироко, а не на ниво на секоја држава одделно зашто во прашање е вирус кој се пренесува преку инсекти.
Во однос на бруцелозата, Атанасов информира дека бројката на заболени животни е драстично намалена. Блиску сме до добивањето статус „слободна земја“ од оваа болест.

Во споредба со минатата година кога биле евидентирани 1.906 позитивни овци и кози во 198 одгледувалишта, годинава бројот е 959 грла и 52 одгледувалишта од вкупно 6.131. Според Институтот за јавно здравје, пак, годинава само едно лице имало бруцелоза за разлика од лани кога болеста била потврдена кај 14, а во 2018 година кај 11 лица.
Како што се најавува од надлежните, ретестирања ќе има и следната година. Ќе се ревидира повторно и Програмата за земјата побрзо да го добие статусот „слободна“ од бруцелоза.
„Ја поделивме државата на осум региони. Во источниот, југоисточниот и северозападниот нема бруцелоза, во североисточниот и скопскиот има во по само едно одгледувалиште. Главен проблем се Прилепско, Долнени и Полошкиот регион каде е регистриран најголемиот број позитивни случаи. Се надевам дека од 2022 година ќе престанеме да вакцинираме, само ќе го направиме ретестот и официјално ќе побараме добивање статус „слободни“ од оваа болест, нагласува директорот Атанасов.
Тој очекува идната година да добиеме меѓународно признат статус дека сме слободни од болеста чума кај малите преживари. До Светската организација за здравствена заштита на животните испратено е досие за добивање ваков статус. Добиена е и потврда дека досието е примено. Атанасов се надева дека на Генералното собрание во мај 2021 година ќе добиеме статус „слободни“ од оваа болест. Ова е важно зашто полесно ќе тргуваме со живи животни и производи од животинско потекло. Воедно, со тоа се докажува и дека одговорните институции во државата се подготвени и можат да гарантираат дека малите преживари немаат чума, вели тој.

Б.А.Н.

VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

© 2019 Cyber Green Market LLC