Македонија

Овесот- занемарено жито

Овесот потекнува од земјите на Блискиот исток, но во житна култура е воведен во текот на бронзеното време (1500-1700 год. пред новата ера), во поладните и повлажните делови на Европа. Го одгледувале и старите Словени, за што сведочи и непроменетото име на ова жито кај сите словенски народи.

Овесот е вид на житно растение што се одгледува главно за семе, но исто така и вегетативната маса, во зелена и сува состојба, се користи за исхрана на добитокот. Стопанското значење на овесот се состои во квалитетот на неговото зрно и малите барања кон условите на успевање, бидејќи може да се одгледува и во реони каде другите жита даваат мали приноси. Главно се употребува за исхрана на сите видови на домашни животни, а особено на коњите, како зрнеста, концентрирана храна. Во минатото доста се користел и за човечка исхрана, и тоа во вид на каша, а помалку за правење на леб, но и за различни напитоци.

Во Велика Британија и денес се уште се изработува еден вид на пиво, каде наместо јачменов слад се користи слад од овес. Во денешно време, а посебно поради позитивниот хемиски состав на зрното, прехранбената индустрија прави широка лепеза на производи од овес, кои имаат висока хранлива вредност за човекот: овесни снегулки, гриз, овесно брашно од кое потоа се прават различни печива и лебови.

За нашата земја, овесот никогаш го немал значењето како останатите житни култури. Тоа се должи пред се на почвено – климатските услови кои во најголем дел не се погодни за одгледување на оваа култура. Површините под овес се многу намалени во однос на периодот од пред неколку децении. Приносот варира во зависност од почвено – климатските услови и изнесува од 1000 до 1800 кг/ха, односно годишното производство изнесува од 2000 до 5000 тони за наведениот период. Просечниот принос на светско ниво изнесува 2,2 тони/ха, во САД 3,5 тони/ха, додека во западноевропските земји е повисок и достигнува и до 4,5 тони/ха.

Во однос на почвите, тој има помали барања во однос на останатите жита. Тоа се објаснува со добро развиениот коренов систем. Успева на различни почви, вклучително и лесно – песокливи, но само ако се доволно влажни. Добро успева и на ново освоени површини, преорани пасишта и исечени шуми. Подобро од другите жита успева на кисели почви, а поднесува и варовнички почви.

Овесот е пролетна култура

Типични зимски форми нема, но се среќаваат одредени полузимски – факултативни сорти. Во нашата земја претежно се сеат локални неселекционирани сорти – популации, тоа пролетни форми, додека во околните држави (Србија, Бугарија) постојат и селекционирани сорти. Попознати селекционирани сорти кои се одгледувале и на овие простори се: ,,новосадска 4126″, „топчидерска 245″, „крагуевачка 30-8/8″. Овие сорти се пролетни, средно рани и се одликуваат со високи при- носи (2200-4000 кг/ха). Исто така, тие се отпорни на полегнување и габични болести. Агротехника. Овесот не поднесува монокултура, најдобри преткултури се окопните, а е лош претходник за стрните жита.

Овесот нема посебни барања во поглед на основната и претсеидбената обработка. Се применува истиот систем на обработка на почвата како и за стрните жита. Овесот истовремено добро реагира и на ѓубрењето, а особено со азот, и реагира со полегнување. Затоа треба да се внимава при внесувањето на азотните ѓубрива. За пролетниот овес кој се одгледува во посушни услови, целокупното количество ѓубрива се дава со основната обработка на почвата, а во повлажни услови, се применува и едно прихранување во фазата на братење. Ориентациона норма за ѓубрење за очекуван принос на зрно од 3000 кг/ха и соодветно количество на слама е: 80 кг/ха азот, 40-50 кг/ха фосфор и 40 кг/ха калиум.

Сеидбата во нашите климатски услови треба да се изведува во текот на првата недела од месец март, а ако има услови и порано, на крајот од февруари. Задоцнетата сеидба го намалува приносот. Сеидбата може да се изведува рачно и со редосејалки, на растојание од 10,5-12,5 см меѓу редовите, на длабочина од 2 до 3 см. Количеството на семе за сеидба изнесува од 120 до 150 кг/ха семе, што одговара на 400-500 ‘ртливи зрна на метар квадратен. Негата на посевот е слична како и негата на пченицата, односно треба да се води сметка за плевелите, болестите и штетниците.

Една од карактеристиките на овесот е нерамномерното созревање, па затоа е потешко да се одре- ди вистинскиот момент за жетва. Жетвата може да се изведува во една и во две фази. Во една фаза се изведува со комбајнирање, кога „метличката” е целосно созреана, но во тој случај настануваат губитоци преку отпаѓање на зрната од врвните класови, кои може да изнесуваат и преку 15 отсто од приносот. Двофазната жетва повеќе се препорачува и се врши кога врвниот дел од „метличката” е во полна зрелост, а тоа е отприлика 35 отсто влажност на зрната во врвните „метлички”, и бојата на зрното преоѓа во кремова. Во таа фаза растенијата се косат на височина од 10 см од почвата (рачно или машински), се оставаат насочени на една страна и стојат неколку денови да се досушат. Потоа истовремено се собираат и вршат со житен комбајн, или пак ако овие операции се изведуваат рачно, растенијата се изнесуваат од нивата, и се носат на вршење и веење. Сламата која останува се балира и се користи како храна за стоката.

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC