Македонија

Неповолна агрометеоролошка состојба!

Првиот месец од новата 2020 година ќе биде неповолен за земјоделските култури од агрометеоролошки аспект, поради недостигот од врнежи, велат метеоролозите од УХМР

Невообичаено високите температури на воздухот и стабилното и претежно суво време беа основна карактеристика на изминатата седмица, а временски услови од агрометеоролошки аспект не се добри, велат од секторот за Агрометеорологија при УХМР.
Влага во почвата нема доволно, а ваквите температури дополнително ја намалуваат. Потребата од појава на снег и пад на дневните температури во овој период од годината се неминовни, но прогнозите и за наредната седмица се исти како и оние од предходната седмица, со минимални утрински температури од околу -5 до -8 Целзиусови степени и дневни температури на водухот од 5 до 10 степени.

Ваквите натпросечни температури кои се очекуваат во јануари, не се невообичаени, но временските услови се единствено погодни за изведување на работи на отворено, околу кроење на праската и виновата лоза, кои се веќе започнати, особено во централните делови од земјава.

Исто така агрометеоролозите објаснуваат дека повеќето овошки и виновата лоза, сега се во период на мирување и воопшто нема мерка која може да се преземе за некаква заштита. Овошките во овој период од зимата издржуваат до -28 степени, додека виновата лоза до -18 или -20, а такви температури не се забележани до сега, барем во регионите каде се истите најзастапени. Во наредниот период загрижува недостигот од врнежи, а не ниските ноќни температури, истакнуваат од УХМР.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC