Органско

Неколку совети што треба да направите во органската градина во есен

Иако на прв поглед се чини дека интензитетот на работите во органската градина се намалува во есен, покрај тоа што е време за есенско садење, тоа е време и за припрема за престојаната зима и размислување за наредната година. Што се е потребно да се направи за да бидете спремни за наредната сезона?

ПРИПРЕМЕТЕ ЗАШТИТА ЗА РАСТЕНИЈАТА ОД ВЕТЕР И ОД ПРВИТЕ МРАЗЕВИ
Есента е многу чуден период од годината посебно со појавата на климатските промени на кои сме сведоци. Пратете ја редовно временската прогноза и ноќните температури. Доколку се случи нагло да паднат температурите или ненадејна појава на мраз, многу малку е потребно за да дојде до оштетување на растенијата и на цвеќињата.

ЗАЧУВАЈТЕ ГО СВОЕТО СЕМЕ
Предноста на органската градина е тоа што можете да го зачувате семето од својот зеленчук, цвеќињата или зачинските растенија за наредната година. Потребно е семето да се чува во материјали кои „дишат“ како што се книжни кеси, а тие да се стават во картонски кутии.


ПРЕСАДЕТЕ ГИ ЗАЧИНСКИТЕ РАСТЕНИЈА И ЦВЕЌИЊАТА
Зачинските растенија и цвеќињата кои се осетливи на студ пресадете ги во саксии или сандуци затоа што е време да ги внесете внатре. Пред да ги внесете во простор наменет за нивен престој задолжително да се проверат растенијата дали имаат знаци на болести или инсекти, за да не се случи и тие да се внесат заедно со растенијата.

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ДА СЕ СПРАВИТЕ СО КОРОВОТ
Кај органските насади на коровот гледаме од друга перспектива. Есента е време кога коровот го испушта своето семе во земјата за наредната година. Со физичкото отстранување на коровот во есен ќе го намалите неговиот раст на пролет. Никако немојте да го чувате за компост. Фрлете го во канта со што ќе се ослободите од семето.


НАСАДЕТЕ НОВО ДРВО ИЛИ ЖБУНЕСТО РАСТЕНИЕ
Есента е најдобро време да насадите ново дрво, зимзелени грмушки или други жбунести растенија. Тие ќе имаат време околу два месеци да формираат коренов систем пред да замрзни земјата.Кога ќе дојде пролетта, својата енергија ќе ја насочат на растење и цветање, наместо на развој на коренот.

ПРИПРЕМЕТЕ МАТЕРИЈАЛ ЗА КОМПОСТИРАЊЕ
Есента е време за средување на градината, кастрење на дрвјата, грмушките, косење на тревата. Целиот растителен материјал кој сте го добиле со средување на дворот и градината (освен коровот) можете да го иситните и да да го припремите за правење на компост.


АНАЛИЗИРАЈТЕ ЈА СВОЈАТА ГРАДИНА
Прошетајте низ својата органска градина. Одделете време за да разгледате и да анализирате што излегло добро, а што не со што ќе можете да направите планови за промена. Најдобро е да водите градинарски дневник, каде ќе запишувате се што ќе забележите, а тоа ќе ви го олесни планирањето за следната година.
извор:агротим

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC