Колумна

Мени за добро расположение!

Јагодата е симбол на Венера – божица на љубовта, поради срцевидната форма и црвената боја. Постои верување дека ако гризнете половина јагода, а другата половина ја изеде лице од спротивниот пол, за кратко време ќе се вљубите еден во друг

Кога зелените пазари ќе поцрвенат од јагоди и цреши значи дека летото е на прагот, а летото дури и во ова време невреме, има свои предности и зрачи со оптимизам. И ако се прашувате зошто токму со јагодите го започнуваме менито кое гарантирано нуди добро расположение, еве неколку факти. Јагодите ја зголемуваат сексуалната активност кај мажите и плодноста кај жените. Причина за тоа е цинкот, кој се содржи во малите семки на јагодите. Тој го покачува нивото на тестостерон кај мажите, кое од своја страна води до зголемување на сексуалната активност. Јагодите содржат и големо количество фолна киселина. Таа помага при забременување, ја намалува депресијата, ја подобрува работата на мозокот и го намалува ризикот од појава на срцеви болести. Една полна шака со јагоди содржи 100 пати повеќе фолна киселина од едно јаболко, иако, токму јаболкото е првиот познат афродизијак. Значи, поуката е: јадете јагоди! Тезгите на нашите зелена пазари се преполни со нив, а цената им е се подостапна со зголемувањето на понудата.

Историја на афродизијаците

Еросот и гастрономијата сe повеќе меѓусебно се испреплетуваат, а масата и креветот подеднакво го заземаат највисокото место на скалата на овоземските задоволства. Народната поговорка, многу популарна и на нашите балкански простори, дека “љубовта минува низ стомакот” во денешно време е малку модифицирана, па гласи: ако сакаш да знаеш каков љубовник си, види што јадеш! Во историјата на цивилизацијата, од Адам и Ева наваму, сe се врти околу храната и сексот. Не случајно добрите познавачи на оваа проблематика го сметаат јаболкото за најстар афродизијак на светот!
Околу афродизијаците се врти фабулата и на најпопуларната комедија во италијанската ренесанса - Макијавелиевата “Мандрагола” (отровно, иритирачко растение), популарна и денес. И во многу други театарски дела и новели од периодот на ренесансата на големо ги користеле советите на лекарите и на упатените во чудотворноста на тревите, тајните рецептури за будење на либидото, иако овој последниов поим многу подоцна е запишан како фројдовско откритие. Биографичарите ќе запишат дека злогласниот Маркиз де Сад (1740-1814) за време на посетата на еден бордел во Марсеј ги почестил куртизаните со вино, ликер и бонбони во кои имало силна доза на кантаридин – многу опасен и отровен афродизијак. Кантаридинот е супстанција која се добива од сушени и мелени златно-жолти шпански мушички, средство кое од многу одамна важи за распалувач на крвта. Не помалку познатиот Казанова, во своите мемоари, ќе цитира само еден единствен свој рецепт. Во прашање е, се разбира, афродизијак: да се измешаат пет белки од јајце, лажица оцет и малку крупно исечкан пармезан. Овој - според многумина најголем љубовник на сите времиња и човек кој паразитизмот го подигнал до ниво на филозофија, во свое време инсистирал на квалитетни продукти: свеж путер, маслиново масло, зеленчук (моркови, целер), како и неодминливите продукти од морето.

Најголеми поттикнувачи на желбата

Школките, таа свежа морска храна која во многу градови се срка од нога, стоејќи по улиците, во Јапонија, на пример, се смета за артикл на меморијата. Иако школките немаат висок процент на липиди, тие се извонредно богати со протеини, цинк, минерали (калциум, железо) - материи кои докажано дејствуваат благотворно на работата на сексуалните хормони. Со својот “скриен бисер”, школките на истокот го претставуваат симболот за “вечно женско”. Нерон, запишале хроничарите, имал дарба по вкус да распознава од кој регион потекнуваат школките сервирани на трпезата.
Марципанот – омиленото харемско задоволство - е еден од најпознатите слатки афродизијаци. Нуклеарната - по својата силина - смеса од бадеми, шеќер, ружина водичка и суво грозје, Европските лекари од пред неколку векови ја сметале за “средство” што го јакне половиот нагон, а според Хамбуршкиот медицински билтен од 1602 година, исто дејствува и на главниот љубовен орган - срцето! Францускиот крал Анри Четврти и дарувал на својата свршеница Марија де Медичи по триста кошнички наполнети со овој султански десерт.
Мошусот е најпознат мирисен афродизијак, на ужас на екологистите. Килограм мошус на црниот пазар достигнува цена и до 50 илјади евра, се добива од жлездите активни во сезоната на парењето на малиот азиски елен од Хималаите. Оваа течност со боја на засирена крв ја користеле некои од големите заводнички како Катерина де Медичи, мадам Помпадур и Жозефина Бонапарта. Од неа правеле ѓаволска напивка со разорен, анимален мирис, чија нота носи силна еротска порака. Рецепт: се меша 0,01 грам мошус, 0,07 грама цимет, 0,1 грам шафран, 0,01 грам сива амбра и 0,07 грама каранфилчиња.
Не се само храната и напивките моќни потикнувачи на желбата. Не случајно за Американците идеално место за поминување на медениот месец се Нијагарините Водопади. Негативните јони ослободени со водената пареа дејствуваат како силен афродизијак. Покрај сега веќе надалеку познатите сини апчиња, популаризирани како вијагра, моќта и парите не смеат да се заборават. Иако не се направени научни анализи како дејствуваат чудотворните треви и шпанските муви, искуството (покрај литературата, филмот, митовите и трачот) учи дека моќта и нејзиното средство парите се стимуланси со единствени атрибути. Го поттикнуваат и оној што ги поседува, но и оној кој со тие средства се заведува.

Дизајнирана храна

Новиот нутриционизам што почива на концептот на “дизајнирана храна”, многу популарен во развиените земји, во суштина е составен од темелот на старите и добри афродизијаци. Многу витамински напивки гарантирано дејствуваат и релаксираат и претставуваат очекуван, пазарен бум. Америка е луда по новите вештачки создадени производи без холестерол и такви кои, да речеме, ја намалуваат опасноста од канцерогени заболувања. Во Франција се продава пиво кое гарантирано го буди заспаното либидо. Храната за добро расположение, сега веќе се наоѓа и во рафтовите на секоја поголема самопослуга. Овој бизнис во САД веќе е дефиниран како “designer foods”, а важи и како поле во кое е можна огромна заработка!
Сe се врти во круг, па дури и модерното време се враќа и ги користи искуствата на нашите предци. Нутриционистите сe повеќе ја форсираат природната храна богата со витамини, минерали и аминоациди, а такви се спанаќот, брокулата, лукот, зелката, модриот патлиџан, морковот и пиперката. Овој нов начин на гледање на работите ја враќа суперхраната на нејзиното вистинско место во медицината, по периодот во кој доминатен беше монополот на хемиските препарати купени во аптеките. Враќањето на старата, добра исхрана со органски производи добива на сила, особено кога ќе се земе во предвид неизвеснатаа иднина која му престои на човештвото, иднина во која поради животот со ковид-19, секој ќе инсистира да го заштити своето здравје најдобро што може.
Храната дефинитивно е облик на задоволство што опасно се приближува кон еротското уживање. Авторката на романот “Како вода за чоколада” - Лаура Ескивел, низ устата на главната хероина – Тита, ќе рече: еротичноста и гастрономијата припаѓаат на едно исто мени! Без дилеми, вака спакуваната “листа на јадења” е и потреба и уживање.


Благородна Абрашева Ноциќ

© 2019 Cyber Green Market LLC