Македонија

Лековитите својства на бозелот

Бозелот (Sambucus nigra) е билка која расте на планинските места како грмушка, а на ниските места како дрво, кое достигнува височина до 5 метри. Лековитите својства на бозелот се содржани во сите делови на билката: цветот, плодот, листот, кората и коренот. Тие содржат витамини А, Б1, Б2, Ц, етерични масла, горки сустанции, јаболкова киселина, сахароза и друго

Често цветовите и плодовите од бозел се користат за припремање на чаеви, сокови, џемови, слично. Бозелот е познат народен лек од многу оддамна. Се верувало дека гранчињата од бозел во џебот штитат од реума.

Цветовите на бозелот се ситни, бели или бледожолтеникави, собрани во соцветија со облик на штит. Плодовите се ситни и тркалести. Кога се зрели, имаат црно-сина боја. Во фитотерапијата се употребуваат главно цветовите, кои се собираат во мај и јуни, по убаво и суво време. Исушените цветови имаат голема склоност да апсорбираат влага и затоа треба да се чуваат во добро затворени, непропустливи амбалажи.

Плодовите на бозелот (Sambucus nigra) полни се во витамин Ц, флавоиди и растителни белковини, кои се борат против вирусите. Тие се ефикасни во спречувањето на настинката и грипот.
Клиничките истражувања во Израел покажале дека бозелот не само што го намалува ризикот од настинка и грип, туку ја намалува тежината и го скратува времетраењето на настинката и грипот. Истражувачите од одделението за вирусологија на Хебрејскиот иниверзитет во Ерусалим откриле дека пациентите кои биле болни од грип и кои земале бозел, се опоравиле два пати побрзо, отколку оние болни кои земале таблета плацебо (лажен лек). Научниците заклучиле дека активната материја во бозелот може да го скрати грипот за 4 дена.

Чајот од бозел е многу корисен. Бозелот е популарна билка меѓу сите народи за лекување заболувања на дишните органи. Најпознат е по тоа што предизвикува зголемено потење. Според некои автори, тоа доаѓа оттаму што цветовите на бозелот го намалуваат прагот на дразба на центарот за регулирање на потењето.

Како резултат на тоа, пиењето на топол чај од бозел предизвикува обилно потење. Позитивните ефекти од потењето се ослободување од токсините и намалување на високата телесна температура. Овие ефекти се особено важни при лекување на грип, настинка и воспалени дишни органи.

Чајот од бозел се приготвува на следниот начин: една чајна лажица (10 g) од исушени цветови се попарува со чаша жешка вода. Садот стои покриен 20 -30 минути, се процедува и се пие засладен со мед, по половина чаша три до четири пати дневно, 15 минути пред јадење.

Плодовите од бозел се користат како благо средство против запек, а дејството им се припишува на смолите и на пектините. Малку луѓе знат дека од пресните зрели плодови може да се подготви вкусен џем. Џемот од плодовите на бозелот не само што е вкусно јадење со пријатен мирис, арома и вкус, туку претставува одлично средство кое го поттикнува празнењето на цревата, кога не се советува земање на јаки средства за запек, било поради воспаление на цревата или грчеви. Посебно е корисно кај малите деца. Тоа е безопасно, а сепак сигурно средство против запек.

Деца што имаат проблеми со столицата, може да ја нормализираат со две до три лажички од овој џем.




Младите лисја на бозелот и сокот од неговите плодови се богат извор на витамини, пред се на витаминот Ц и каротинот. За закрепнување на организмот се препорачува чај што се приготвува од шест до осум лисја бозел, кои се попаруваат со чаша врела вода и отстојуваат 20 минути. Чајот се пие пред јадење.

Од цветовите и зрелите бобинки се прави вино, а во Унгарија се подготвува како бренди, за што се потребни 50 кг овошје за да се добие 1 литар бренди. Во југозападна Шведска од бобинките се прави ликер, а во Белгија еден вид на џин.

Поради популарноста на традиционалните пијалаци направени од бозел, произведени се комерцијални пијалаци со вкус на бозел, како Фанта Шоката, на пример.

Припремање на сок од цветовите на бозелот:
Во водата се става шеќерот и се додава винскиот оцет. Се вари 30 минути, на тивок оган. Потоа се додава цветот од бозел и исецканите парчиња лимон и се вари уште 5 минути. Се остава смесата да отстои преку ноќ, а другиот ден се процедува низ газа и се става во шишиња, кои треба добро да се затворат.

А. Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC