Македонија

Косово привремено забрани увоз на јајца и живина од Македонија

Портпаролот на косовската Агенција изјави дека ваквата одлука е донесена по информацијата објавена на официјалната вебстраница на нашата Агенција за храна и ветеринарство дека е откриена болеста птичја чума на две фарми на бројлери

Косовската Агенција за храна и ветеринарство денеска соопшти дека вчера донела одлука за привремена забрана за увоз на јајца и живина од Македонија, поради сомнеж за појава на болеста њукастел, односно птичја чума.

Портпаролот на косовската Агенција, Љумир Тачи изјави дека ваквата одлука е донесена по информацијата објавена на официјалната вебстраница на Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија дека е откриена болеста птичја чума (Њукастел), на две фарми на бројлери.

Според извештај на Меѓународната организација за болести на животните, соопшптија косовските власти, во „Северна Македонија на две локации имало „зараза на атипичната вирусна болест“.

Тој информира дека според косовскиот Закон за ветеринарство, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово е должна да забрани увоз од земја во која има појава на некаква зараза кај животни или птици, па затоа на 13 мај е донесена одлука за привремена забрана на увоз на живина и живински производи од земјава.

Нашата Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на 10 мај објави дека вирусот на оваа болест е лабораториски потврден на почетокот на април во одгледувалиште за бројлери во скопската општина Гази Баба, по што Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за спроведување на сет безбедносни мерки за спречување на ширењето на болеста.

Од АХВ апелираат до одгледувачите на живина на целата територија на државава да ја исполнат законската обврска и согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, да се обратат до најблиското ветеринарно друштво и да ја вакцинираат живината и гулабите против болеста њукастел.

Болеста иако не се пренесува на човек, таа е високосмртоносна за живината и предизвикува големи економски штети во живинарството, посочуваат од АХВ.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC