Органско

Компостирање

Компостирање е метод на претворање на отпадоците во ѓубриво богато со хумус за подобрување на плодноста и продуктивноста на почвата

За време на процесот на компостирање, биоразградливите отпадоци како што се остатоците од растенија, плевел, листови, измет од животните итн. се трансформираат во ѓубриво кое се нарекува компост. Компостот е богат со полезни микроорганизми кои обезбедуваат храна на растенијата и ја подобруваат структурата и текстурата на почвата. Компостот како додаток на почвата и извор на органска материја нуди многу придобивки преку подобрување на биолошките, хемиските и физичките карактеристики на почвата. Материјалите кои можат да се искористат за компостирање може да бидат локално достапни биоразградливи отпадоци како остатоци од културите (слама, стебла од пченка итн.), шумски остатоци (отпаднати листови), плевелни растенија од производниот процес, растенија од зелено ѓубрење, измет од добитокот (лепешки и урина). Компостот е повеќе од ѓубриво. Компостот придонесува за зголемувањето на органската материја во почвата и со тоа ја подобра структура на почвата. Исто така влијае на структурата на почвата и на нејзиниот капацитет да складира и да обезбедува хранливи материи и вода, со што всушност се зголемува отпорноста на растенијата на суша. Неговата вредност се гледа и во долгорочниот ефект кој го има на плодноста на почвата. Во процесот на компостирање, хранливите материи се апсорбираат во органската материја, микроорганизмите и хумусот. Состојките на хумусот се релативно отпорни на микробиолошкото распаѓање. Поради тоа, хранливите состојки бавно се ослободуваат и не се губат лесно. Во процесот на компостирање можат да се разликуваат три главни фази: фаза на загревање, фаза на ладење и фаза на зреење. Овие фази не можат јасно да се разграничат. Фазата на загревање започнува 3 до 4 дена од поставувањето на купчето за компостирање, температурата во купот достигнува 70°C и најчесто се задржува на ова ниво 3 недели. Најголемиот дел од распаѓањето се случува за време на фазата на загревање. Во оваа фаза, активни се претежно бактериите. Високата температура е резултат на ослободувањето на енергијата за време на трансформацијата на лесно разградливите материјали од страна на бактериите. Топлината ги уништува предизвикувачите на болести, штетниците, корените и семињата на плевелите. За време на првата фаза од процесот на компостирање, бактериите имаат зголемена потреба од кислород поради брзиот развој на нивните популации. Доколку нема доволно воздух во купот, развојот на бактериите ќе опадне и компостот ќе добие непријатна миризба. Влажноста е исто така значајна за процесот, бидејќи на бактериите им е потребна влажност за да ја одиграат својата улога. Фазата на ладење започнува откако трансформацијата на материјалот од страна на бактериите ќе заврши. Температурата во компост-купот бавно опаѓа и се задржува на 30–50°C. Со падот на температурата се појавуваат габите и почнуваат да ги разградуваат сламата, сврзните влакната и дрвенестиот материјал. Потоа започнува фазата на зреење. За време на оваа фаза, хранливите материи се минерализираат, а се создаваат хумичните киселини и антибиотиците. Глистите и другите почвени организми кои имаат улога во разградуваањето почнуваат да се населуваат во купот. На крајот на оваа фаза, купот е намален на половина од почетниот волумен, има боја на темна плодна почва и е подготвен за употреба. Колку подолго се чува откако ќе созрее, толку повеќе губи од својот квалитет како ѓубриво, додека неговиот капацитет за подобрување на структурата на почвата се зголемува.

Најдобро е компостирањето да се врши близу до изворот на суровината која се користи за компостирање или до полињата каде што тој ќе се употреби. Местото треба да биде во сенка и во близина на вода. Местата на кои се насобира вода треба да се избегнуваат. За да се овозможи идеален процес на компостирање, смесата треба да содржи една третина крупен материјал со цврста структура (исечени гранки и кора од дрвја, крупен материјал одделен од претходниот компост), една третина среден до фин материјал со висок сооднос на јаглерод и азот (слама, листови, остатоци од растенија итн), една третина фин материјал со низок сооднос на јаглерод и азот (остатоци од домаќинството, измет од животните итн.) и до 10% почва. Материјалот за компостирање треба да биде соодветно припремен преку сечење на дрвенестиот материјал (како што се стеблата од пченка, памук, просо итн.) за да се зголеми неговата површина и да се подобри процесот на распаѓање кој го вршат габичките и бактериите. Идеалната должина е околу 5 см. Овие материјали можат да се иситнат и со нивна употреба како простирка во шталата, што исто така помага и во собирањето на урината и изметот. Дрвенестите материјали како кората оддрвата и пилевината треба да се навлажнат пред да се измешаат во купот, по можност со нивно потопување во вода во период од 6 до 10 дена. Стандардните димензии на купот или трапот за компостирање можат да бидат: ширина 2м, висина 1м,а должината ќе зависи од количината на материјал. На дното на купот се поставува еден ред од дрвени трупци или големи камења со што се обезбедува аерација и се овозможува доволна дренажа на вишокот вода. Додавањето на ѓубриво или стар компост на секој слој го подобрува процесот на компостирање. Тенките слоеви од почва помеѓу компостот се додадаат за да се спречида се загуби азотот. Купот може да се покрие со 10 до 15 см дебела покривка од слама или лисја, и непропустлива покривка (пластична фолија) за да се спречат загубите на калиум и азот од дожд. Доколку купот не е доволно влажен, повремено може да се додава вода или течно ѓубриво врз компостот.

Превртување на купот
Материјалот во купот треба да се превртува и меша така што материјалот од рабовите кадешто температурата е пониска ќе се премести во центарот каде што е повисока, а центарот на купот ќе се спречи да се прегрее. Целиот материјал во купот треба да биде изложен на топлината за да се уништат бактериите, семето на пелвелот, инсектите и исто така за да се забрза процесот на распаѓање. Превртувањето исто така ја подобрува аерацијата на купот. Тоа помага во забрзување на процесот на компостирање, но сепак не е од особено значење. Мешањето се прави 2-3 недели после формирањето на купот, кога температурата почнува да опаѓа откако ќе го достигне максимумот. Купот може да се преврти повторно по три недели од првотопревртување. Времето потребно за купот да созрее и да стане добар компост, зависи од локалните климатски услови и материјалите коишто се користат.
Доколку времето е топло, купот е влажен, добро аериран и се користи добра комбинација на материјали, компостот е готов за три месеци. Во постудени или суви услови и доминација на материјали со висок сооднос на јаглерод и азот, на купот ќе му бидат потребни од 4 до 6 месеци за да созрее. Компостот може да се користи веднаш откако употребениот материјал за компостирање повеќе не е препознатлив. Кога компостот е готов, материјалот се претвора од темно кафеава во сива боја, има пријатен земјен мирис и има зрнеста структура. Волуменот на зрелиот куп се намалува на половина од волуменот на купот на почетокот. Најчесто не е возможно да се произведат доволни количини компост за наѓубрување на сите производни површини. Затоа, производителите треба внимателно да размислат каде е најкорисно да се примени компостот. Најголема ефикасност се постигнува при производство на расади и при садење на садници или фиданки.

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC