VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

Organic

Кога е вистинското време и правилниот начин за берба на јаболката?

Определувањето на вистинскиот момент за берба може да одигра голема улога во постигнувањето висок квалитет на финалниот производ, од што зависи и постигнувањето на соодветен финансиски ефект

Од определувањето на вистинскиот момент на берба, зависи дали плодот ќе ја постигне оптималната обоеност, оптималниот однос на шеќери и киселини и на крајот, од севкупната состојба во која се наоѓа плодот во моментот на берба зависи должината на неговото чување.

Јаболкото е плод кој овозможува чување во соодветно изградени простории за време од неколку недели до неколку месеци. Заради задржување на високиот квалитет, овозможување долг период на чување и постигнување што е можно поповолна цена на пазарот, определувањето на вистинскиот момент за берба е од исклучителна важност.

Доколку бербата се изведе пред оптималниот период плодовите можат да останат ситни, лошо обоени, кисели, тврди, без вкус, но и да станат осетливи на заболувања. Од друга страна, ако периодот на берба се оддолжи, количините на вода околу средината на плодот можат да достигнат високо ниво уште додека плодовите не се обрани, што може да доведе до развој на внатрешно распаѓање.

Кај престасаните црвени сорти, во извесни случаи бојата на плодот може да стане темно-црвена, а покожицата масна, додека кај други, месото може да стане брашнаво и без вкус.
Општо земено, постои период од 5-20 дена (во зависност од сортата, временските услови и состојбата на растенијата), во кој постои сигурност дека плодовите, доколку се оберат во овој временски период, нема да бидат подложни на развој на т.н. складишни болести.
Следниве методи се користат за определување на оптималниот
термин за берба:

• Број на денови од полното цветање до времето на берба;
• Промена во бојата на покожицата;
• Начин на одделување на плодот (дршката) од гранката;
• Цврстината на месото од плодот;
• Јоден тест.

Начин на берба

Заради постигнување најдобар квалитет на плодовите, се препорачува изведување на берба во неколку наврати. За време на бербата ракувањето со плодовите треба да биде што е можно повнимателно, за да не дојде до оштетување на покожицата од плодовите или нивно набивање.
Со бербата се започнува од пониските гранки. Обраниот плод на себе треба да ја содржи и дршката. Одделувањето на плодот од гранчето, не требa да се врши со кинење на дршката со нокти, или вртење на дршката.
Префрлувањето на плодовите од еден собирен сад во друг треба да се врши крајно внимателно. Обраните плодови, до моментот на нивно пренесување до главниот магацин, треба да се чуваат под сенка, што треба да се случи во што е мoжно пократок временски период.
При сортирањето (калибрирањето), да се води сметка да не се наруши природната восочна навлака со која плодовите кај дел од сортите се покриени.

А. Г.

VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

© 2019 Cyber Green Market LLC