Македонија

Како до лиценца за процена на тутун?

Полагањето на испитот за добивање на лиценца е планиран за 29-ти ноември во 11 часот, во Научниот институт за тутун во Прилеп.


Сите оние кои сакаат да добијат лиценца за процена на тутун и сродни производи, треба да поднесат барање и потребна документација најдоцна до 20-ти ноември во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како што се наведува во соопштението од оваа институција, и според Законот за тутун, пред полагањето на испитот, кандидатите мора да посетуваат обуки и да добијат потврда за тоа од надлежниот Научен институт за тутун во Прилеп.
Теоретскиот и практичниот дел на обуките ќе се одржат на 25-ти и 26-ти ноември, со почеток во 10 часот, во просториите на Научниот институт во Прилеп. Полагањето на испитот за добивање на лиценца е планиран за 29-ти ноември во 11 часот, исто така во надлежниот институт во Прилеп. Испитот се полага пред комисија составена од Министерството за земјоделство.

Кандидатите заедно со барањето за полагање на испитот треба да приложат и други документи. Оние со соодветно образование доставуваат и копија од диплома за завршено високо, вишо, или сведителство за завршено средно образование од областа на технологијата за производство и обработка на тутун, а кандидатите без соодветно образование треба да достават потврда од фирмата за работно искуство во областа на технологијата за производство и обработка на тутун, или М1/М2 образец со податоци за работен стаж и тоа -две години за високо, три за вишо и четири за средно образование.
Право на лиценцирање имаат и производителите на тутун кои работат непрекинато во оваа дејност последните пет години, а не се со соодветно образование. Овие кандидати треба да приложат договори за производство и откуп на тутун или потврда од претпријатието со кое склучиле договор за откуп. Кандидатите мора да имаат завршено средно образование.

Барањето може да се најде на веб страницата на Министерството како прилог на ова соопштение (mzsv.gov.mk). Заинтересираните лица, најдоцна до 20 овој месец сите потребни документи треба да ги испратат до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на адреса: улица „Аминта Трети“ бр. 2, 1000 Скопје, со назнака во горниот лев агол „за полагање на испит за добивање на лиценца за процена на тутун“.


Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC