Македонија

Како да постигнете природно бистрење на виното?

На бистрењето влијаат различни фактори: температурата, кислородот, танинот и др.

Природното бистрење на виното се врши спонтано, без примена на вештачко бистрење, филтрирање и други начини. По бурната ферментација, а особено по тивката ферментација, започнува таложењето на разни ситни честици од лушпата, гроздинката, семките, клетките на истоштениот или изморениот квасец, како и винскиот камен, белковините и пектинските материи и друго. На овој начин виното постепено се бистри и стабилизира.

На бистрењето влијаат различни фактори: температурата, кислородот, танинот и друго. По тивката ферментација, постепеното намалување на температурата на младото вино го забрзува и позитивно се одразува врз бистрењето. Тоа се одвива побрзо. Со настапување на зимскиот период, постепено се снижува температурата во визбата и виното. Наглото намалување на температурата и разни потреси на садовите во кои се чува виното пречат врз нормалното бистрење на виното.

Грубите честички под сопствената тежина постепено паѓаат и се таложат на дното, при што повлекуваат и други честички. Винскиот квасец во стадиумот на гладување и одумирање, се таложи, повлекуваќи со себе други ситни апсорбирани честички и на тој начин се потпомага бистрењето.

Ниската температура и алкохолот го забрзуваат таложењето на винскиот камен, што претставува нестабилна состојка на виното.

Белковините и пектинските материи, под дејство на танинот и алкохолот, се згрутчуваат и постепено се таложат. Бојата се апсорбира за белковините и винскиот квасец и така се таложи.

Со природното бистрење на виното, кое достигнува и до 2 години, можеме да добиеме добра бистрина и задоволителна стабилност. Меѓутоа, пазарот бара стабилни и бистри вина, а интересот на производителите е што е можно поскоро да стигнат на пазарот, што го прави природното бистрење неприфатливо во модерното производство на вино. Освен тоа, чувањето и негата на вината кои се препуштени на природно бистрење е тешка и поврзана со голем број проблеми, со значителен ангажман на работа и ресурси.

Современата технологија на виното подразбира вршење на многу процедури кои со заедничко име се нарекуваат бистрење на виното. А под бистрење на виното се подразбира додавање на соодветни средства, кои може да се поделат на органски и минерални или растворливи и нерастворливи.

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC