VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

Колумна

Зелка: храна и лек!

Заедно со компирот и гравот, зелката често се наоѓа на менито во студените есенски и зимски денови. Токму зелката, која на нашите простори речиси редовно се претвора во сарма, е исклучително здрава, без оглед дали се јаде во свежа или конзервирана состојба

Почнува она време од годината во кое зелката се купува во вреќи, а не на главички. Токму кога ќе се наполнат теглите, шишињата и малите буриња кои, шаренејќи се од бои и форми, ќе ги красат полиците во шпајзите и подрумите, и доаѓа времето на нејзиното височество - зелката! За да се претвори во расол, зелката не бара многу труд или ангажман, а за возврат дава многу. Првенствено, сарма, па подварок, потоа салата со неизбежната буковка и расолница за денот потоа!
Иако зелката има многу мала калорична вредност, сепак е многу важен продукт во исхраната на луѓето. Пред се поради значителното количество на витаминот Ц и минералите, од кои доминира калциумот. Денес и кај нас и во светот се одгледуваат многу видови зелки (на зелените пазари се продава и кинеска зелка!), кои се добиени со култивирање на дивите растенија кои уште во праисториско време растеле во областите на Средоземието и на северниот брег на Европа. Останало забележано дека уште неколку векови пред нашата ера Старите Грци и Римјани често на своите трпези имале неколку видови зелки. Римскиот историчар и писател Гај Плиније Секунд дури тврдел дека Римјаните биле многу посилни и поздрави кога нивната исхрана била едноставна, а се состоела од зелка и житни каши. Меѓутоа, напоредно со освојувањето на нови територии и здобивање на се поголемо богатство и трпезата на Римјаните станувала пораскошна и - понездрава!

Интересно е дека и покрај тоа што и Грците и Римјаните зелката ја подготвувале на многу различни начини, не знаеле дека овој плод може и да се скисели. Расолот (киселата зелка) е откриен многу подоцна.
Основната поделба е на црвени и на зелени зелки. За жал, црвениот плод кај нас поретко се консумира, иако кога е варен или динстуван содржи значително количество аскорбин (еден облик на витамин Ц) кој може да се искористи од организмот дури по загревањето. Зелката, без оглед на видот, освен Ц, ги содржи и витамините Е, К, Б1, Б2, Б3, Б6, П ниацин, биотин, каротин. Од минералните состојки има калиум, фосфор, калциум, магнезиум, натриум, манган, бакар, цинк... Содржи и важни растителни влакна, како и сулфурен хетерозид, поради што овој зеленчук има антисептичко дејство. Зелката нема голема енергетска вредност, а во 100 грама има од 24 до 30 калории (103 до 190 КЈ).
Нутриционистите препорачуваат зелката да се јаде во свежа состојба. Доколку се вари или динстува, процесот треба да трае пократко, инаку се губат голем дел од хранливите материи. Кај нас сите зеленчуци, вклучително и зелката, се готват додека не станат сосема меки, дури и раскашавени. На пример, искусните готвачи тврдат дека сармата е највкусна ако се крчка неколку дена на ниска температура. Но, ваквото приготвување ја осиромашува и ја намалува биолошката вредност на храната. Зелка на зелените пазари може да се најде во текот на целата година, иако најбарана е во доцна есен, кога се подготвува за киселење! Првенствено затоа што без сарма или подварок кај нас не може да се замисли ниту една домаќински приредена гозба. Расолницата, која е производ на расолот (киселата зелка) по ферментацијата содржи големо количество витамин Б. Гурманите ќе речат дека без оваа напивка не може да се помине ниту едно утро, особено по некоја бурна и обилно “залеана” ноќ! Но расолницата не е само вкусна напивка (доколку не е пресолена), туку и одлично средство за регулирање на варењето на храната и на лачењето на желудочната киселина.

Уште во најстари времиња зелката се користела во народната медицина најчесто за лекување на дишните патишта, желудникот, цревата, на рани, изгореници, егземи, чиреви, на ревма, гихт... Денешната наука го потврдува лековитото дејство на зелката, а порано вистинска револуција предизвикало сознанието дека со свежа или со кисела зелка успешно се лекува скорбутот -тешка и непријатна болест од која најчесто страдаат морнарите на долгите пловидби, луѓето кои живеат високо на планините или во отсечени области, поради недостиг на витаминот Ц. Денес е познато дека свежата или киселата зелка, која се консумира како салата, ја јакне функцијата на дишните патишта, помага при кашлица, болки од реума и ја зголемува отпорноста на организмот. Свежо исцедениот сок се препорачува за болните од чир на желудник или на дванаесетпрсно црево, како и за оние кои страдаат од колитис. Мешавината од свежо исцеден сок од зелка, морков и цвекло во еднакви делови помага при остеопороза или пак при скршеница на коска.
Бидејќи зелката и нејзиниот сок многу поволно дејствуваат на кожата, може да се користат и за нега или отстранување на ситни недостатоци, како на пример младешките мозолчиња и акни. Два или три листа треба кратко да се проварат, да се стават во блендер или соковник и да се изматат. Со добиената каша се премачкува делот од кожата, се покрива со газа, а по неколку часа местото се плакне со камилица или со вода. Наместо листовите, може да се користи и расолницата. Облозите од расолница треба да бидат загреани и да се менуваат на секои половина час. Доколку расолницата е премногу солена, може да се раствори со вода. Стручњаците свежата зелка во форма на салата ја препорачуваат и како одлично средство во случај на слабокрвност, несоница, депресија или нервоза!

Б.Абрашева Ноциќ

VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

© 2019 Cyber Green Market LLC