Органско

Здрави како дрен!

Често употребуваната фраза од насловот не е случајна. Овие црвени бобинки кои дозреваат во касната есен се магичен еликсир за здравје и долговечност

Оваа цветна грмушка расте во јужна и југоисточна Европа, но и во Ерменија, Азербејџан, Турција, Либија, Либан и Сирија. Црвените бобинки содржат големо количество природни шеќери, органски киселини, пектини, танини и извонредно многу витамин Ц. Во дренките има дупло повеќе аскорбинска киселина отколку во портокалот. Плодот на дренот се нарекува дренка позната во исхраната на Балканот и западна Азија, но не се јадат пред да созреат, односно се користат дури откако ќе паднат од дрвото. Зрелата дренка е темноцрвена или светложолта по боја, има кисел вкус, што наликува на брусница и вишна. Се користи на различни начини. Плодовите можат да се јадат и во свежа состојба, можат да се замрзнат, сушат или преработат во мармалад, компот, овошен сок. Од нив кај нас се прави и ракија позната како дренковица. Иако се знае дека ова шумското овошје е вкусно, хранливо и здраво, сепак не се користи доволно.

Во Франција и Италија од дренките се прави вино и желе, а недозреаните плодови се конзервираат во солена вода како маслинките. Во Германија се варат со шеќер и оцет, се додаваат на јадењата од тесто и компири. Во Русија се прават вкусни супи и се користат како зачин за специјалитети од месо и риба. Овие народи се вистински почитувачи на традиционалната медицина и добро ги знаат лековитите својства на дренот. Руските научници востановиле дека дренките, кората на стеблото и листовите поседуваат антимикробни својства. Сокот, мармаладот, чајот и другите производи од зрелите дренки помагаат кај дијарејата и другите заболувања на органите за варење. Доколку при пореметувањето на работата на цревата и дијареја се јавува и грозница, се препорачува чај од кората на ова билка. Плодови од оваа грмушка наоѓаат примена и во традиционалната кинеска медицина.

Интересно е што дреновото дрво има огромна густина и тоне во вода. Погодно е за изработка на рачки за алат, делови од машини, токму поради својата цврстина. Некои историски факти говорат дека на нашето поднебје уште пред неколку векови од дрен се изработувале копја, џилити и лаци. Од дреново дрво традиционално се уште се прават и овчарските стапови!
Во народната мудрост, дренот е поим за сила, здравје, издржливост и долговечност, па оттука произлегува и познатата изрека „здрав како дрен“.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC