Македонија

За 50 проценти поефтина нафта за земјоделците

Стратегијата за земјоделството, според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, меѓудругото треба да биде сконцентрирана на градинарство, лозарство и овоштарство кои се конкурентни и извозно ориентирани. Тој најави и дополнително три денари за продаден килограм зелка

Земјоделските производители и за новата сезона ќе имаат на располагање „Зелена нафта“ која овој пат ќе биде 50% поефтина од актуелната цена на нафтата. Ова ветување од страна на Владата беше дадено со воведувањето на мерката, а вечерва министерот Димковски во дебатна емисија „Топ тема“ на телевизија Телма, ја потврди оваа вест.
-Следниот месец ќе течат подготовките околу обезбедување на 50% поефтина нафта за земјоделската 2020 година. Се очекува прво да се заврши постапката со поделбата на „зелените картички“ на оние земјоделци кои поради долгови кон државата досега немаа картички, а потоа согласно плановите на Платежната агенција земјоделците ќе добијат субвенционирано гориво – изјави Димковски.

Мерката „Зелена нафта“ наиде на големо одобрување од страна на земјоделците бидејќи најголемите трошоци во производството им се токму за набавка на гориво. Нивно барање изминативе десетина години беше да имаат поефтина нафта, поддршка која од мината година ја воведе Владата на РСМ.
Исто така првиот човек во земјоделскит сектор на телевизија Телма посочи дека сите земјоделци ќе бидат досубвенционирани за дополнителни три денари, за продаден килограм зелка кај регистрирани откупувачи.Оваа мерка е интервентна, покрај основната мерка според која земјоделците по хектар добиваат субвенција од по 30 илјади денари.

Меѓу позначајните работи кои се приоритет е и постапката за изградба на откупни центри која е во тек и веднаш откако во Собрание ќе се изгласа Законот за задолжување, ќе се започне со инвестиции во изградба на откупни центри во Скопје, Ресен и Струмица. Стратегијата за земјоделството, рече, тој, меѓудругото треба да биде сконцентрирана на градинарство, лозарство и овоштарство кои се конкурентни и извозно ориентирани. Затоа мора да се градат откупни центри, производителите поединечно или во задруги да имаат ладилници или калибратори.
Би сакал да посочам, рече тој дека од почетокот на следниот месец започнува активната заштита од град со авионско засејување на облаците со сребрен јодид, со што ќе се спречи земјоделците да претрпуваат загуби поради невремето.


Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC