Македонија

Желадите се недоволно искористени плодови на шумата

Желадот е достапен во голема количина, но недоволно искористен шумски плод. Од него може да се прави брашно кое може да се искористи за исхрана на луѓето.

Желадите се плод на дабот. Овој шумски плод е богат со масти, јаглени хидрати, протеини, минерали и витамини. Желадите од различни сорти секако ќе имаат меѓусебни разлики во вкусот и составот, па така желадот од црвениот даб е побогат со танини и горчлив од желадот на друг вид даб кој е посладок. Сите се за исхрана но бараат претходна обработка.
Прв чекор е отстранување на танинот кој може да создаде проблеми во дигестивниот систем и кои даваат горчина на желадот. Генерално, тие можат да се измијат од желадот на два начини со топол и ладен метод.

Студената вода ја чува хранливоста

Студениот метод продразбира миење во ладна вода. Воденичарите практикувале исчистените и иситнетите желади да ги стават во платнена вреќа која потоа ја спуштаат во река која е чиста и со брз тек. На тој начин реката го врши миењето на желадот. Овој процес трае и по неколку дена во зависност од количината на танини која е присутна во желадите и колку тие се иситнети.

Доколку тоа го правите дома, држете ги исчистените и иситнетите желади во сад со вода а водата менувајте ја се додека ја менува бојата. Танините даваат црвенкасто-кафеава боја на водата. Студеното миење може да потрае и до една недела но брашното добиено од желади кои на овој начин се измиени има свои предности. Пред се, нема потреба да му се додава друго брашно како сврзувачко бидејќи скробот е присутен во изворната форма.

Топлината влијае и на останатите хранливи материи

Топлиот метод е побрз во отстранувањето на танинот но високата температура влијае и на останатите супстанци, пред се скробот. Поради тоа на брашното кое е добиено на овој начин мора да му се додаде друго брашно, како што е пченично, како сврзувачка супстанца. Предност на овој метод е побрзо отстранување на кожичката на желадите која сама паѓа за време на варењето.

Во длабок сад ставете ги исчистените и иситнетите желади и додајте вода. Односот на желадите и водата треба да изнесува 1:2. Желадите ставете ги во студена вода и полека загревајте. Водата треба да се менува кога ќе добие темно црвена-кафеава боја. Желадите во обоената вода треба да се процедат и вратат во друг сад во кој има зовриена вода. Целиот процес се завршува кога водата ќе престане да ја менува бојата за време на варењето.

Желадите пред се познати и како одлична храна за свињите

После миењето на танините желадите можат да се јадат и користат како замена за сечкани ореви и лешници. Ако сакате да правите брашно исто така имате избро помеѓу ладен и топол метод. Во овој чекор студениот метод подразбира сушење на желадите кои се измиени на природен начин, на сонце и секако трае подолго. За забрзан процес можете да ги сушите во рерна но на што пониска температура бидејќи целта е да се исушат а не да се испечат. Кога ќе се исушат, желадите се мелат и добиваме брашно од желади кое можеме да го користиме и во кујната.

Дополнителното печење на желадите има и свои предности. Измиените и иситнети желади можеме дополнително да ги испечиме во рерна или во сува тава. Вака третирани желади со потемна боја имаат вкус сличен на кафе и печен костен. Ако дополнително ги иситнеме , можеме да ги користеме и како замена за кафе.
Извор: Агромедиа

А.Г.

© 2019 Cyber Green Market LLC