Колумна

Бостан-јадење што се пие!

Во ова сегашново наше задоцнето лето, доцнат и плодовите на природата. Првите кајсии и праски се на тезгите, но со прилично високи цени, а на зелените пазари срамежливо се појавија и лубениците и дињите. Првите, од 35 до 45 денари, вторите по 150 денари за килограм. Но сите знаеме дека како ќе се искачуваат температурите, така цената на бостанот ќе се намалува до таканаречени „беспари“ Овие сочни плодови што секое лето струмичани ревносно ги трескаат од земја, разгневени од неговата срамна откупна цена, по правило кај нас го оберуваат бостанот

Никој друг освен природата не може да смести толку многу вода во толку мал простор. Ако е снегот кристален облик на водата, тогаш лубеницата е вода во кристална решетка. Најголемиот тенор на сите времиња Енрико Карузо за лубеницата - која му била омилено освежување - рекол дека може да се јаде, да се пие, а со неа можеш и да се измиеш. Писателот Марк Твен во далечната 1894 година напишал дека кога ќе ја пробаш лубеницата ќе ти стане јасно што јадат ангелите, а неговата констатација ја потврдуваат и ѕидовите на египетските гробници насликани со резанки бостан уште пред 5000 години. Дека нашето поднебје отсекогаш било идеално за одгледување лубеници зборува и фактот дека Филип Македонски не тргнувал во своите славни походи без цели товари бостан, наменети за освежување на истоштените војници!
Бостан е збирното име за диња и лубеница. Нивниот роден континет е Африка, каде што и денес може да се сретнат диви облици од ова овошје. Постојат податоци од кои може да се заклучи дека лубеницата изворно потекнува од работ на пустината Калахари. Лубениците шетале по трпезите по должината на медитеранскиот брег, а кон крајот на 10 век осамнале во Иран, Индија и во Кина. Кина е еден од најголемите производители на бостан, а покрај многуте различни сорти, Кинезите измислуваат и коцкести лубеници (кои растат во исти такви калапи), заради полесен транспорт! Некаде во 13 век Маорите ја донеле лубеницата на копното на Европа, а заедно со робовите стапнала и во земјата на Колумбо.
Иако во светот постојат повеќегодишни лубеници, оваа нашата е едногодишно растение, што значи дека секоја година треба повторно да се сади на добро подготвено земјиште. Растението е култивирано и успешно се одгледува во 90 земји во светот. Бостанот припаѓа на родот на тиквите, за кои се врзани легендарните народни мудрости: кој со ѓаволот тикви сади, од глава му се кршат или тиква без корен! По вкус и хранлива вредност лубеницата и дињата им се рамни на најдобрите видови овошја, иако и од едниот и од другиот плод во просек се јаде само половината ( другото отпаѓа на корката и на семките). Кило лубеница е лесно да се изеде како десерт по оброкот, бидејќи црвениот плод содржи девет делови вода, остатокот се шеќери (фруктоза и сахароза), како и калиум, натриум, магнезиум, железо и сулфур. Нутритивно, лубеницата е идеален диететски оброк, но им се препорачува и на бубрежните болни, бидејќи е одличен диуретик. Дињата во својот хемиски состав има помалку минерали од својата “покрупна сестра”, но затоа има многу повеќе витамин Ц. Ако се разгледува хемискиот состав, ќе се дојде до заклучок дека лубеницата има двојно помалку калории од боранијата, кромидот, лукот, празот, целерот, морковот или исто колку грашокот. Во својот состав целулоза и белковини има помалку од кое било друго растение што се јаде. Дињата, пак, има десет пати помалку витамин Ц од пиперката, но затоа пет пати повеќе од целерот, тиквикчките и лукот. Витаминот А е поприсутен отколку во зелената салата, карфиолот, грашокот и боранијата.

Кореновиот систем на лубеницата и на дињата е многу разгранет, жилест и надарен да ја вцицува водата - затоа не е чудно кога и покрај повеќегодишните суши растат лубеници и до 20 килограми. Кога е бостанот зрел? Кога е готова, дињата добива карактеристични боја и мирис, лесно се одвојува од дршката. Со лубеницата е потешко. Бостанџиите имаат карактеристични знаци по кои ја препознаваат зрелоста, за секоја сорта посебно. Обично, од заврзувањето на плодот до зреењето на лубеницата се потребни 35 до 45 дена, се разбира - во зависност од климатските услови. За купувачите по зелените пазари или, како што е сега вообичаено во Скопје - пред камионите во големите населби, сигурен знак по кој се препознава добриот плод е удирањето “чврга”! Ако е звукот тап, работата е завршена.
Од некои сорти дињи, како и од кората на лубениците се прави туршија. Необично за нас, но многу народи од Африка и од Азија семките од лубеница ги пржат на масло и оваа закуска ја сметаат за деликатес. Во некои земји од Азија препрженото семе се меле во брашно, а од него се прави леб со карактеристична арома! Французите и Италијанците дињата ја консумираат како предјадење, сервирана со пршута и сирење (по можност моцарела), во комплет со неизбежното бело вино.
Ако се остави исечена лубеница во фрижидер, свежото млеко ќе стане ароматизирано. Млекото, но и некои други прехранбени артикли добиваат интензивен мирис на лубеница, затоа таа треба да се чува завиткана во фолија. Традиционален начин на ладење на лубениците кај нас е: во домашни услови - под чешма или во када, а во природа - во поток или река.
Покрај сервирањето на резанки, лубеницата се служи и во овошни салати во форма на топчиња, а за некои видови коктели се приготвува и како пире. Интересно е дека ткивото на лубеницата не го испушта сокот веднаш, туку по подолго стоење. Слично нешто се случува и во желудникот. За организмот да ја свари, најпрво треба да ја пробие носечката ткивна решетка, а тоа може да потрае. На овој начин телото постепено ја добива саканата разладена течност, за разлика од - на пример - чашата вода или сок, која буквално протатнува низ организмот.

И додека во Европа лубеницата во свежа состојба се купува исклучиво спакувана на резанки (кои за нас чинат незамисливо многу пари), ние ја купуваме на парче - што е можно поголемо! Ако не се јаде во свежа состојба, старинскиот начин за зачувување на нејзината хранлива вредност е да се направи слатко (покрај жолтите, слатко се прави и од обичните лубеници со дебела кора). Од дињите се прави мармалад што не се вари, но овој деликатес може да се проба единствено како добредојде во домаќинските куќи кои ја почитуваат древната традиција!
Состав
Тенка резанка лубеница содржи:
80 кцал (335 КЈ)
низок процент на натриум, калиум, железо, сулфур
витамин Ц
бета каротин
ликопен
8,2 % овошни шеќери (фруктоза и сахароза)
вода

Рецепт за слатко

Кората од жолта лубеница (специјална за слатко) или подебела од обична лубеница се сече на еднакви парчиња. Парчињата се варат во најмалку шест води, а потоа се мијат 4 до 5 пати со студена вода. Парчињата се оставаат најмалку 24 часа да отстојат во студена вода.
Парчињата се цедат и се мерат – на една мера слатко се додаваат две мери шеќер. Од водата во која се вари шеќерот задолжително се отстранува пената. Кога ќе се постигне саканата густина на шербетот, се додаваат парчињата кора од лубеница и се варат петнаесетина минути. Пред крајот на варењето се додава сок од лимон и ванилин шеќер.


Благородна Абрашева Ноциќ

© 2019 Cyber Green Market LLC