VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

Македонија

Андреј Ѓокиќ: Над илјада индустриски субјекти, рециклираат отпадно масло!

„Отпадот кој останува по искористувањето на маслата и мастите за јадење завршуваше во одводите, во сточната храна и во природата, а истиот е еден од најголемите загадувачи на животната средина. Создавачите на овој отпад немаа каде соодветно да го селектираат и одлагаат. Сакавме и во Македонија да се реализираат и воспостават соодветни еколошки практики според примерот на другите европски земји за еколошко постапување со отпадните масла и масти за јадење. Тоа беше мотото и инспирацијата за реализација на нашата првична идеја“, вели во интервјуто за ЕЗП Андреј Ѓокиќ, одговорен за секторите за Управување со отпад и Бизнис развој, во фирмата „Суниленс“

Копанијата „Суниленс“ има 27 годишно искуство во дистрибуција на основни прехранбени суровини за индустриска употреба во Македонија. Опслужува широк спектар од над 1.000 производители во мелничко-пекарската, кондиторската, конзервната, хорека и други прехранбени индустрии. „Суниленс“ е главен увозник за Македонија на индустриската програма на „Дијамант“ и други брендови од Италија, Србија, Малезија и Индија. Низ годините успеале да изградат препознатлив бренд на услуги, производи и квалитет. Нивната палета на производи содржи рафинирани растителни масла, пекарски и кондиторски маргарини, растителни масти, сусам, сув кромид, мајонез, пекарски брашна, пекарски креми, нишесте и други основни прехранбени суровини. Следејќи ја својата визија и иновативен пристап тие континуирано се надградуваат, напредуваат и растат заедно со нивните клиенти. Благодарение на ефикасноста и флексибилноста во комбинација со досега стекнатото знаење и професионално искуство, денес „Суниленс“ има водечко место во дистрибутивната дејност во Македонија со квалитетен кадар од 27 професионално обучени вработени кои опслужуваат повеќе од 1000 клиенти. Со над 4.500 тони прехранбени суровини кои ги пласираме секоја година на македонскиот пазар, најдобар показател за успехот кој го постигнавме во оваа сфера се долгогодишните застапништва на познати брендови и довербата од страна на реномирани регионални фабрики. Нашиот соговорник Андреј Ѓокиќ (34) дипломирал Бизнис администрација на Webster University во Виена, како и постдипломски студии во полето на Организационен Менаџмент на Човечки Ресурси и Работни Односи на London School of Economics and Political Science.

Која Ви беа целите и што сакавте да постигнете кога пред 11 години решивте да го собирате отпадното масло од индустријата, но и од домаќинствата?

Покрај напредокот во нашата основна дејност, нашиот претприемачки дух и визија за иднината не застанаа тука. Идејата за проширување на нашите активности во доменот на екологијата потекнува од сопственикот на компанијата г-дин Синиша Ѓокиќ. Врз основа на количините на рафинирани растителни масла кои ние на годишно ниво ги пласираме на македонскиот пазар, дојдовме до одредени првични показатели за количините на отпадно масло кои се создаваат. Тоа беше појдовна точка во реализацијата на овој еколошки бизнис модел, со проекција за негова прогресија, ако се земат предвид и сите други создавачи на овој отпад на ниво на целата држава. Отпадот кој останува по искористувањето на маслата и мастите за јадење завршуваше во одводите, во сточната храна и во природата, а истиот е еден од најголемите загадувачи на животната средина. Создавачите на овој отпад немаа каде соодветно да го селектираат и одлагаат. Сакавме и во Македонија да се реализираат и воспостават соодветни еколошки практики според примерот на другите европски земји за еколошко постапување со отпадните масла и масти за јадење. Тоа беше мотото и инспирацијата за реализација на нашата првична идеја. По истражувањето на пазарот и изработка на бизнис план за оваа идеја, во 2009 година инвестиравме во технологија, опрема, логистика и човечки ресурси за отпочнување на нова дејност - собирање, складирање и третман на отпадни масла за јадење од растително потекло. Со успешната реализација на овој подвиг, „Суниленс“ стана првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење, која соодветно го собира, го третира и го пласира овој вид на отпад како готова еко суровина на пазарот за биогорива во Европа. Преку напорна работа, развивање на соодветен технолошки процес, логистичка мрежа и континуирана едукација на секој создавач на отпадни масла за јадење, „Суниленс“ прерасна во најголемиот собирач на овој тип на неопасен отпад во Македонија. Успешното извршување на оваа дејност е поддржано со сертификат за квалитет од страна на интернационалното европско тело ISCC EU според Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC. Нашиот сектор за управување со отпад секоја година поминува низ ригорозен процес на ревизија од страна на овластена ЕУ компанија за обновување на ISCC EU сертификатот. Со овој сертификат ги исполнуваме најстрогите ЕУ стандарди кои се во согласност со законските норми за одржливост на животната средина. Следејќи ги светските практики во поглед на ефикасно искористување на отпадните суровини како извор на енергија за поттикнување на циркуларна економија и чиста животна средина, направивме значаен чекор напред и отпочнавме со целосно проширување на нашите активности во полето на екологијата кое денес ги опфаќа индустриските создавачи и домаќинствата. Преку овој подвиг креиравме една нова еколошка визија на компанијата со главен фокус на развивање на еколошката свест и општествената одговорност кон животната средина, која успешно ја реализираме повеќе од 10 години.

Какви се искуствата од европските земји во однос на оваа проблематика?

Во сите земји членки на ЕУ на годишно ниво се собираат околу 725.000 тони отпадни масла и масти за јадење од индустријата и домаќинствата, што претставува 1,45 килограм по жител. Во Словенија, на пример, се собираат околу 3.000 тони отпадно масло на годишно ниво. Кај нас, според нашите резултати и анализи, се собираат над 700-800 тони отпадно масло на годишно ниво, односно околу 0,4 килограми по жител. Анализите покажуваат дека во нашата земја има простор да се собираат уште повеќе количини на отпадно масло, особено кај домаќинствата. За да се приближиме до европскиот просек по глава на жител, на годишно ниво треба да се собираат уште 2.000 тони отпадно масло. Примерот на високоразвиените економии и циркуларни системи за управување со отпадно масло треба да ни биде поттик да продолжиме со континуирана надграбда на системот и таргетирана едукација на индустријата и населението која е многу важна. Данска започнала во 1992 година и во оваа дејност континуирано инвестира, додека Австрија има одличен систем за собирање на отпад од домаќинствата каде што самите општини се длабоко инволвирани во самиот процес. Ние почнавме во 2009 година и досега имаме постигнато одлични резултати во подигање на еколошката свест што се потврдува со досега собраните количини на отпадно масло. Преку реализација на нови еко-едукативни проекти нашата цел е да постигнеме позитивни еколошки промени и кај домаќинствата и помладите генерации. Убедени сме дека во иднина ќе ги постигнеме посакуваните резултати и полека ќе се приближиме до еколошките стандарди на европските држави, каде 70-80 проценти од населението го селектира и собира отпадот.

Зошто е отпадното масло опасно за животната средина и се смета за загадувач?

Отпадните масла за јадење предизвикуваат големи загадувања во природата, но и економски штети. Тие се создаваат во големи количини секој ден и претставуваат голем еколошки проблем, доколку не се собираат и третираат правилно. Поради несоодветното отстранување на овој вид на отпад, тој е најчест причинител за загадување на водата, почвата и претставува четвртина од сите загадувања. На пример, само 1 литар отпадно масло може да загади до 1 милион литри вода. Повеќекратната употреба на маслата за јадење е исто така штетна по нашето здравје, бидејќи маслата откако ќе добијат својства на отпад (темно кафеава боја, остар мирис на храната која се готви) стануваат канцерогени. Затоа, еден аспект од нашата мисија е и едукација на населението и угостителите дека користењето на отпадно масло е штетно по нашето здравје. Исфрлањето на отпадните масла за јадење во канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Ова најчесто се случува во урбаните средини каде што имаме висока концентрација на население кое исфрла отпадно масло и ги запушува цевките од канализацијата. Истражувањата и анализите во светски рамки покажале дека, на годишно ниво, водоводните компании трошат во просек 17,5 милиони евра за санирање на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одводите. На пример, во Велика Британија, 50-75 проценти од сите блокади на канализационите системи се предизвикани од отпадни масла и масти, додека трошокот за санирање на годишно ниво изнесува 100 милиони евра.

Пред три години ја започнавте акцијата „Рециклирај и донирај“ наменета за домаќинствата. За што всушност станува збор?

Еколошката свест се подига и гради со создавање на функционални системи за собирање и рециклирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. Пред реализацијата на нашиот систем за домаќинствата, граѓаните немаа можност да го селектираат и собираат отпадното масло за јадење. Истото завршувало во одводните цевки и ја загадувало животната средина, а при тоа правело и големи штети при функционирање на мијалниците и канализационите системи. Од Мај 2017 година, преку еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ (кој го спроведуваме заедно со ЗГ „Љубезност“) домаќинствата имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од собирањето и рециклирањето на отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него врз природата доколку не се одлага на правилен начин. Процедурата за приклучување во системот е лесна и едноставна и може да се направи преку социјалните мрежи, контакт формата на нашата веб страна или преку нашата ЕКО ЛИНИЈА 070 264 444. Имено, нашата мобилна екипа доставува 3 литарски пластични садови, за безбедно и хигиенско собирање на отпадно масло директно до секој дом. Оваа акција се спроведува низ цела Македонија и секој кој е заинтересиран за нашите бесплатни еко услуги веднаш ќе добие сад за собирање. Откако ќе се наполни кантичката, домаќинствата нѐ контактираат и нашиот тим ја подига собраната количина на отпадно масло и врши директна достава на нови и чисти садови до секој собирач. Притоа, за секои собрани 3 литри отпадно масло доделуваме половина литар сончогледово масло како дополнителна мотивација за граѓаните. Собирачот може да одлучи да си го задржи маслото за себе или пак да направи хумано дело и да го донира до социјално загрозени и бездомни семејства преку ЗГ „Љубезност“ во рамките на „Рециклирај и донирај“.

„Суниленс“ со своите еколошки идеи и проекти успеа да допре и до образовниот систем во земјава, односно градинките и училиштата. Какви се ефектите?

Едукацијата на населението за придобивките од соодветното собирање и рециклирање на отпадното масло за јадење е многу важна за креирање на општествена одговорност према животната средина. Секако, еколошка едукација која започнува од мали нозе има најголеми шанси за успех. Поради тоа во Октомври 2017 година заедно со ОХО започнавме со реализација на екоедукативниот проект „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“ во градинките во Скопје. Овој проект има за цел да ја доближи еколошката тема – собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење – до децата уште од најмала возраст. Се состои од неколку фази на директна едукација на најмладите, преку специјално дизајнирани еко материјали со ликот на Петко и едукативни активности со наставничките, како и организирање на еко акции за собирање на отпадно масло од родителите. Поради одличниот одзив во првите две години, проектот оваа година се прошири во 13 градинки со вкупно 58 објекти во 5 општини во Скопје и опфаќа над 5.000 дечиња од предшколска возраст. Ефектите од овој едуктивен проект покажуваат одлични резултати бидејќи децата многу лесно ја прифаќаат темата за рециклирање на отпадно масло и веднаш го впиваат еколошкото знаење кое воспитувачките им го пренесуваат на различни и креативни начини во рамките на програмата. Покрај нивната инволвираност и самите родители се запознаваат со нашиот систем за собирање на отпадно масло и подигнуваат садови за директно да ги применат еколошките практики во својот дом. Притоа, дечињата имаат можност и практично да видат како се собира отпадното масло и да разберат потоа каков е процесот на негово предавање и понатамошен третман, односно рециклирање. Примарната цел на оваа едукација е да придонесеме во создавањето на здрава екололошка свест кај младите генерации и општествена одговорност кон животната средина бидејќи тие се столбот на нашата иднина и социо-економски напредок како држава. Веруваме дека сме на добар пат преку ваквиот тип на едукација да влијаеме на еколошката свест во иднина.

Вашите проекти покрај покрај зголемувањето на еколошката свест секогаш имаат и хуманитарен, односно социјален карактер. Зошто сметате дека е неопходно да се поврзат овие две сфери?

Самата еколошка дејнот и постигнатите резултати се од јавно добро за сите нас, бидејќи отпадот сериозно ја загрозува животната средина и нашето здравје. Затоа ние напорно работиме на одржливоста и квалитетот на услугите во нашата еколошка дејност. Како што успеавме да создадеме еден одржлив и долгорочен бизнис модел со системот за собирање од индустријата, истата цел ја имаме зацртано и за сегментот на домаќинствата и се надеваме дека ќе ја постигнеме во блиска иднина. Инаку, екологијата и хуманоста се два значајни сегменти во секое општество. Преку „Рециклирај и донирај“ нашата цел е да воспоставиме една функционална еко-социјална платформа преку која собирачите на отпадно масло ќе имаат можност покрај еколошкиот придонес да направат и едно социјално добро. Платформата ќе го има најголемиот ефект со зголемување на бројот на домаќинства кои активно учествуваат во системот. Замислете доколку во системот се вклучат 50.000 активни домаќинства кои собираат во просек по 3 литри отпадно масло на годишно ниво и донираат по 0,5 лит. сончогледово масло. Тогаш говориме за 150 тони или 150.000 кг. на собрано отпадно масло како еколошки ефект и 25 тони или 25.000 лит. на сончогледово масло донирано до бездомни семејства како социјален ефект. Покрај проектот „Рециклирај и донирај“, нашата компанија има одлична соработка со ЗГ „Љубезност“и во поединечни донации на сончогледово масло кои „Суниленс“ ги прави секој месец. Од 2017 година до сега, како компанија имаме донирано 1.278 литри на сончогледово масло кои „Љубезност“ редовно ги доставува до оние на кои им е најпотребно.

Колкава количина отпадно масло е собрано и колкав број субјекти и домаќинства се вклучени од почетокот до сега?

Кога говориме за прехранбените и угостителските капацитети, во периодот 2009-2020 год. успеавме да собереме и преработиме над 4.390 тони, односно 4.390.000 килограми на отпадно масло за јадење. Денес, нашите еко услуги за собирање на отпадно масло ги користат повеќе од 1.000 индустриски создавачи на овој вид на отпад. Собираме отпадни масла за јадење од ресторани, хотели, сендвичари, пабови, супермаркети, кетеринг компании, различни производствени капацитети и сите индустриски субјекти кои користат растителни масла и го создаваат овој отпад. Веќе имаме и над 2.500 домаќинства од цела Македонија кои активно собираат отпадно масло, а бројката на нови заинтересирани граѓани постојано расте. Досега од секторот домаќинства имаме собрано преку 8 тони односно 8.000 килограми на отпадно масло, додека за донации до социјално загрозени семејства од страна на собирачите се доделени преку 900 литри на сончогледово масло во рамките на „Рециклирај и донирај“. Социо-економскиот ефект од соодветното згрижување на овој отпад е огромен доколку го земеме во предвид фактот дека само еден литар отпадно масло е штетен за животната средина. Исто така, со развивање на оваа еколошка дејност креиравме цел еден сектор во нашата компанија со 10 нови работни места, инвестираме во нова технологија и инсталации за складирање и третман и континуирано овозможуваме девизни приливи во државата преку самиот извоз на овој отпад во Европа.

Каде завршува собраното искористено масло и како понатаму се третира во Вашата компанија?

Процесот на управување со отпадно масло за јадење подразбира навремено и хигиенско собирање и отстранување на отпадот во специјална наменска амбалажа, безбеден транспорт во специјални возила, соодветно складирање и професионален третман во согласност со сите законски прописи и спрема европските стандарди за одржливост на животната средина. Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија. Отпадот се преработува со користење на современа опрема и технолошка инсталација преку термички процес (загревање) кој се одвива во специјална комора, седиментација (таложење) во иноксни цистерни, прочистување и филтрација преку наменски пумпи во нашиот сектор за управување со отпад. Потоа третираниот отпад се извезува како готова еко суровина за добивање на зелена енергија на пазарот за биогорива во Европа со што се затвара кругот на негово рециклирање. Нашиот еко систем за собирање на отпадно масло е во согласност со националниот Закон за управување со отпад и Законот за животна средина. Како што напоменав претходно, сертифицирани сме и според водечкиот ISCC EU систем и Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC. Од еколошки аспект, важно е да се напомене дека секоја капка отпадно масло за јадење кое го собираме се рециклира во процесот на производство на биодизел и придонесува до 80 отсто намалување на штетните CO2 гасови, односно повеќе не се исфрла неконтролирано во природата.

Од Вашето лично искуство, сметате ли дека е зголемена еколошката свест и се што значи зачувување на животната средина во нашата земја? Каде треба да се насочи влијанието за резултатите да бидат што повидливи?

Циркуларната економија и унапредувањето на животната средина не се само концепти и идеи, туку се веќе наша реалност. Сите сме свесни за загадувањето на воздухот, почвата и водите кои се предизвикани од нашиот начин на живот и отпадот кој секојдневно го создаваме. Отпадното масло, како и пластиката, хартијата и другите видови на отпади е еден од најголемите загадувачи на околината. За нас како компанија, која е дел од индустријата за управување со отпад, релативно ниската еколошка свест претставува голем предизвик. Нашите резултати од прехранбената и угостителската индустрија покажуваат дека сме постигнале огромен напредок во поглед на едукацијата за соодветно собирање на отпадно масло. И покрај позитивните аспекти, морам да напоменам дека во изминатите години се соочувавме и со нелојална конкуренција, која го собираше отпадното масло на несоодветен начин и притоа не се знаеше каде завршува тоа масло. Имавме и случаи кога беше крадена нашата амбалажа и беа подигнувани количини на отпадно масло од страна на непознати собирачи. Сепак, со професионализам во работењето, континуирано присуство на терен и коректен однос кон секој создавач на отпадно масло, успеваме да ги решиме сите тие проблеми. Од друга страна, преку директна комуникација постојано работиме на зголемување на еколошките вредности и навиките за менување на маслата за јадење кај сите производители на храна и корисници на масла. Во последните неколку години, навистина има напредок во циклусите на менување на растителните масла кај производителите. Кога говориме за домаќинствата, според истражувањето на „Гоу грин“ направено во 2017 година со преку 300 испитаници, 37 отсто кажале дека се информирани дека искористеното масло за јадење може да се рециклира. Само 2 отсто од испитаниците одговориле дека го одложуваат искористеното масло за јадење. Над 70 отсто од домаќинствата отпадното масло го фрлаат во одводите во кујна или во тоалетот, а околу 20 отсто го собираат во посебно канче и го фрлаат заедно со останатиот отпад. Нашата цел е да ги промениме овие бројки во нагорна линија преку едукативни активности и информативни кампањи насочени кон граѓаните за да ги пренесеме сите еколошки вредности во кои веруваме и за кои имаме практични решенија. Затоа спроведуваме еколошки инклузивен систем кој вклучува и можност за хуманост на граѓаните. За нас е најважно домаќинствата да го поддржат и да се вклучат во новиот еко систем за собирање, односно да ја собираат секоја количина отпадно масло за јадење која ја создаваат. Ние веруваме дека само со интегриран пристап, односно синергија помеѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се креираат функционални системи за управување со отпад како и да се постигне посакуваниот ефект од јавната едукација. Задоволни сме што како компанија воведовме високи стандарди и постигнавме одлични резултати во поглед на управувањето со отпадни масла во нашата земја. Особено сме горди што, заедно со голем број на граѓани, компании и организации придонесуваме за подигање на еколошката свест и менување на еколошките навики и менталитет кај населението, со цел да ја заштитиме животната средина и да создадеме подобри услови за идните генерации. Исто така, наша заложба е да се следат позитивните примери за дополнителни законски решенија во делот на управувањето со отпадни масла за јадење по урнекот на Хрватска и други европски примери, што ќе придонесе позитивно во самиот еко систем за собирање на отпадно масло. Секако, инвестиција во инфраструктура за собирање на локално и национално ниво, едукативни кампањи и информирање на населението, подобрување на регулативите и правилниците за управување со отпадно масло по примерот на ЕУ од страна на нашите надлежните институции, општини и министерства би биле од голема помош за нас, за самата индустрија за отпадно масло како и за самата еколошка состојба во земјата.

Кои се Вашите идни планови и цели кои сакате да ги постигнете?

Управувањето со отпадни масла за јадење ја прошири нашата визија кон изнаоѓање на нови начини и технологии за искористување на енергетските својства на отпадните суровини. Успехот на нашиот систем се должи на нашата долгогодишна стратегија на континуирано ре-инвестирање во сите негови главни сегменти. Во моментов инвестираме во зголемување на нашите капацитети за собирање и преработка на отпадно масло, значајна инвестиција за нас која вклучува набавка на дополнителни складишни цистерни и инсталирање на иновативен технолошки систем за загревање на отпадот кој ќе функционира на соларна енергија и дополнително ќе го зголеми еколошкиот ефект на нашата дејност. Исто така, имаме изработено целосен бизнис концепт како база за нашата следна инвестиција во секторот на домаќинства. Се работи за реализација на пилот проект за собирање на отпадно масло од населението преку специјално дизајнирани колекторски центри со дигитален менаџмент систем кои ќе бидат поставени на високо фрекфентни локации низ градот Скопје. Нашата визија е да продолжиме со нашиот придонес во развојот на циркуларна зелена економија која ќе ги замени сегашните економски практики, каде ресурсите се користат линеарно и еднонасочно со економски систем каде собирањето, преработката и рециклирањето на ресурсите имаат висока вредност. Организираме и учествуваме на голем број настани во сферата на заштитата на животната средина. Се надеваме дека соработката со државните институции постојано ќе се унапредува и дека екологијата ќе биде врвен приоритет на секоја државна институција во Македонија.

Благородна Абрашева Ноциќ

VITA RES

from

RESEN

(processing of fruits & vegetables, production of concentrates, purees, and frozen apple cubes)

+38975421259

About Us

Cyber Green Market (CGM) is a Web Platform that promotes the Export and Wholesale of Agricultural Products, Forest fruits, and their Secondary Products from the Balkan Peninsula.

Retail

In the retail section you can also find machines, home and garden tools, work uniforms and everything you need for your farm work. You can order all this from our already verified sellers from the largest online stores in the world.

© 2018 Elektronski Zelen Pazar LLC Resen

CGM Ali

Do you want to sell your products on Alibaba, but you don't want to pay $4,999 per year for an Alibaba premium account? Apply for a "CGM Ali" account here, choose one of our plans, and for just $199 per year start selling on Alibaba right now!