Македонија

Агрометеоролошка прогноза: вечерва се очекува појава на мраз!

Прогнозираните негативни температури денес во текот на ноќта ќе предизвикаат штети кај овошките во Скопската котлина, Пелагонија, Прилеп, Штип и Крива Паланка

Снежниот бран кој ја зафати целата земја, донесе невообичаено врнежи од снег кои формираа снежна покривка со различна дебелина во различни региони од државата, при што во битолскиот дел од Пелагонија истата изнесуваше и до 50 сантиметри, што е многу ретко во овој период од годината.
Овој бран дојде во лош момент во развојот на овошките и кога истите се во понапредни фено-фази, забележани скоро кај сите видови коскести овошки, каде оплодувањето е завршено и има зачеток на плод, а тоа е фаза кога и нивната издржливост е најмала. Ова значи дека и при минимални температури од -1 до -1,5 Степени Целзиусови, можат да предизвикаат оштетувања преку делумно или поголемо намалување на родот.
Загрижуваат најавените прогнози за денес-петок 03.04.2020 година, кога поради разведрувањето во текот на денот се очекуваат температури кои во поголем дел од мерните места се со негативни вредности. Така,прогнозирани се -6 степени Целзиусови во Берово, но повеќе загрижува најавата за појава на мраз во скопската котлина до -4 оС или во Пелагонија од -4 или -5 во Прилеп, додека во останатите региони како Штип и Крива Паланка со -3 оС, каде исто така е отпочната вегетацијата и е завршено цветањето и оплодувањето. Тука штетите се неизбежни, посочуваат од секторот за Агрометеорологија, при Управата за хидрометеоролошки работи.
Најмала е веројатноста овие температури да се спуштат под критичното ниво долж Повардарието, или доколку се спуштат истите би биле многу блиску до нулата или негативни најмногу до -1 оС, а тоа е регионот каде и овошките се во најнапредни фази на развој.

Битно е во овие услови да се напомене дека не е само минималната температура фактор за причинување на штети од измрзнувања, битна е експозицијата на теренот, типот на почвата, нејзината вододржливот, влагата во почвата, влагата во воздухот и можеби најбитно е времетраењето на таквите температури.
Ваквите температури како што спомнавме и на почетокот најмногу ќе ги осетат коскестите видови овошки, особено кајсијата која во суштина е и нај осетлива и кај нејзе и температури блиску до нулата, односно -0,6 оС може да предизвика штети.
Јаболчестите видови вообичаено цветаат подоцна и истите во зависност од видот и сортата, но и од регионот каде се одгледуваат, се наоѓаат во фаза на почеток на цветање, а тоа се фази кога издржуваат околу -2 оС или нешто пониски температури околу -3 оС.
Мерките на заштита кои се најефтини се оние со зачадувањето кои можат да допринесат за подигање на температурата за еден до два целзиусови степени. Примената на зачадување на овошките можеби нема да го решат проблемот целосно, но секако дека ќе го ублажат. Особено препорачуваме примена кај коскестите видови кај кои имаме заметнато плод, но сепак останува и препораката да се палат само органски одпадоци, никако гуми или пластика со што дополнително би направиле штета на животната средина.
Есенските посеви се едни од културите кои немаат никакви проблеми со ваквите временски услови, затоа што тие вообичаено такви услови имаат во текот на зимата.
Пластеничкото производство и градинарското производство во оранжерии како контролирани услови на одгледување трпат помали штети, кај нив најмногу се манифестира со разладувањето и падот на дневните температури, особено кај расадопроизводството кое најмалку трпи вакви температурни промени.

Проблеми може да има и кај тутунот- култура која е многу осетлива на ниски температури, но и тука засега производството е во покриени леи каде сепак температурата не е идентична со онаа во околината.
Топењето на снежната покривка на пониските места треба да се случи до викендот, така да за време на викендот новиот влажен бран би бил со врнежи од дожд кои заедно со овие од снегот битно ќе допринесат за подобрување на хидролошката состојба кај акумулациите, кај кои веќе се гледа и првото покачување на нивото.
Во текот на наредната седмица се очекува стабилизирање на времето, со постепен пораст на дневните температури, кои ќе се движат до 18 оС, што е особено важно да не дојде до температурни шокови кај културите, а тоа ќе значи и постепено стабилизирање и на целокупното земјоделско производство.
Со самата стабилизација на временската состојба ќе се забележат и евентуалните настанати штети од измрзнувањата кај овошките.
Нашите проценки се дека ќе има штети особено кај кајсијата од раните сорти, но истите нема да бидат со целосно уништување на родот, можеби на некои места ќе има и само проредчување на родот, но сепак и оваа година да се надеваме дека ќе имаме плодови од сите видови овошки.

Б.А.Н.

© 2019 Cyber Green Market LLC